Дела 11:1-14
Дела 11:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака. Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани почнаа да му приговараат, велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“ Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече: „Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене. Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици. Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘ Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони никогаш не влегло во мојата уста!‘ Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘ Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото. Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене. Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика. Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар. Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘
Дела 11:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Апостолите и браќата во Јудеја, слушнаа дека и незнабошците го примиле словото Божјо. И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните што беа со него го укорија, велејќи: „Ти си бил кај необрезани луѓе и си јадел со нив.“ А Петар почна да им расправа за сѐ по ред, велејќи: „Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, во занес здогледав видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и дојде дури до мене. Откако погледав во него и го разгледав, видов четириножни земни животни, ѕверови, влекачи и птици небески. И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани Петре, заколи и јади!‘ Јас, пак, реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘ А гласот од небото повторно проговори и рече: ‚Она што Бог го очистил, ти не го сметај за погано!‘ Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото. И ете, во тој час застанаа тројца луѓе, испратени кај мене од Кесарија. А Духот ми рече да појдам со нив, без двоумење. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек. Тој ни раскажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: ‚Прати во Јопија луѓе и повикај го Симон, наречен Петар. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.‘
Дела 11:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И апостолите и браќата во Јудеја чуја дека и народите го примиле Божјото слово, и кога Петар дојде горе во Ерусалим, обрезаните се препираа со него, велејќи: „Влезе кај необрезани луѓе и јадеше со нив!“ Тогаш Петар почна да им зборува и да им излага редум: “Бев во градот Јопија и се молев; и во занес имав видение, како некаков сад, како големо платно, што на своите четири краишта слегува од небото, и дојде до мене. Кога погледнав во него и разгледав, видов во него четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи и небесни птици. И чув глас, кој ми рече: „Стани, Петре! Коли и јади!“ А јас реков: „Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во мојата уста. Тогаш гласот од небото ми рече по вторпат: „Она што Бог го очистил, не наречувај го нечисто!“ Тоа се случи трипати и пак сѐ беше одвлечено горе на небо. И, ете, во тој час три човека, испратени од Ќесарија до мене, застанаа пред куќата во која бевме. Тогаш Духот ми рече да одам со нив, не размислувајќи. И овие шестмина браќа дојдоа со мене и влеговме во куќата на човекот. Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: „Прати во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.“