Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 1:3-12

Дела 1:3-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во текот на четириесет дена, по Неговото распнување, Исус повеќепати се појавуваше пред Своите апостоли со што недвосмислено им докажа дека навистина е жив. Тогаш им зборуваше за Божјото царство. На една од тие средби, додека јадеа заедно, им ги даде следниве упатства: „Не заминувајте од Ерусалим се додека небесниот Татко не ви го прати Светиот Дух, Кој ви го вети. Јас уште отпорано ви го кажав тоа. Јован Крстител крштаваше во вода, но по неколку дена вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.“ Додека апостолите беа со Исус, честопати Го прашуваа: „Господе, сега ли ќе го ослободиш Израел и ќе го возобновиш нашето царство?“ Тој им одговори: „Времето и датумите ги определува небесниот Татко и не сметал за потребно вам да ви ги кажува! Но штом Светиот Дух ќе слезе врз вас, вие ќе добиете сила и ќе им проповедате за Мене на луѓето во Ерусалим, во цела Јудеја, во Самарија, и се до крајот на Земјата.“ Откако им го рече ова, пред нивните очи Исус почна да се подига кон небото и тие Го гледаа се додека облак не Го скри од нивните погледи. Додека тие со вперени погледи кон небото гледаа како Тој заминува, пред нив се појавија двајца мажи облечени во бело, и им рекоа: „Галилејци, зошто стоите и зјапате во небото? Истиот Исус, Кој пред вашите очи се вознесе на небото, повторно ќе дојде, на истиот начин на кој и замина!“ Тогаш апостолите се вратија во Ерусалим. Ова се случуваше на ридот наречен Маслинова Гора. Тој рид е близу до Ерусалим, на оддалеченост помала од еден километар.

Дела 1:3-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ним по Своето страдање им се претстави жив, со многу верни докази, јавувајќи им се четириесет дни и зборувајќи им за царството Божјо. Еднаш кога ги собра, Тој им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене: Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крс­те­ни со Светиот Дух.“ А тие, кои беа собрани, Го прашаа велејќи: „Во ова време ли Ти ќе го вос­тановиш, Господи, царството Изра­елово?“ И Тој им одговори: „Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Оте­цот ги поставил во Своја власт; но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Са­марија, и сѐ до крајот на земјата.“ И штом го рече тоа, додека тие Го гледаа Тој се подигна, и облак Го под­зе­де од пред очите нивни. И како што гледаа кон небото додека Тој се вознесуваше, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го ви­дов­те да оди на небото.“ Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Маслинова, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење.

Дела 1:3-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

на кои им се претстави жив по Своето страдање, со многу веродостојни докази: јавувајќи им се четириесет дена и им зборуваше за Божјото Царство. И додека беше заедно со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, „што го чувте од Мене“: Јован крштаваше во вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух, не по многу дни!“ А собраните Го прашаа со овие зборови: „Господи сега ли ќе го востановиш Израелевото Цар-ство?“ А Тој им рече: „Не е ваше да ги знаете времињата и наста-ните, што Таткото ги одреди со Својата власт. Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сѐ до крајот на земјата.“ И кога го рече тоа, се вознесе пред нивните очи, и еден облак Го зеде од пред нивните погледи. И кога гледаа кон небото, додека Тој се вознесуваше, ете двајца мажи во бела облека застанаа покрај нив и им рекоа: „Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе во небото, ќе дојде така, како што Го видовте да оди во небо.“ Тогаш се вратија во Ерусалим, од Гората, која се вика Маслинова, што е близу до Ерусалим, еден саботен ден одење.