2 Тимотеј 2:1-7
2 Тимотеј 2:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тимотеј, сине мој, Исус Христос ти е благонаклонет! Дозволи Му да те направи силен. Она што го слушаше од мене пред многубројни сведоци, пренеси им го на оние луѓе кои заслужуваат таква доверба, луѓе што се способни да поучуваат и други. Како добар војник на Исус Христос издржи го твојот дел од страдањата, како што и јас го издржувам мојот дел. Кога еден војник е на должност не треба да се плетка со цивилни работи. Само така ќе може да го исполни она што од него го бара неговиот претпоставен. Кога еден атлетичар се натпреварува, не може да победи, ако не се придржува до правилата. Земјоделецот што напорно работи треба прв да вкуси од плодовите на својот труд. Размисли за ова и Господ ќе ти помогне овие нешта целосно да ги разбереш!
2 Тимотеј 2:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Чедо мое, зајакнувај во благодатта што ти е дадена од Христос Исус, и сѐ што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе кои се способни и други да научат. Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос. Зашто никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојдневниот живот, за да му угоди на својот војсководач. А, ако пак, некој се натпреварува, нема да добие венец доколку не се борел според правилата. Земјоделецот што се труди прв треба да вкуси од плодот. Размисли што ти зборувам и Господ ќе ти даде да разбереш сѐ!
2 Тимотеј 2:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христа Исуса! И што си чул од мене, пред многу сведоци, довери им го на поверливите луѓе, кои ќе бидат способни да ги поучуваат и другите! Поднесувај ги со мене страдањата, како добар војник на Христа Исуса! Никој, кој е во воена служба, не се заплетува во работите на овој живот, за да му угоди на оној кој го повикал во војската. Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува прописно. Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите. Разбери што зборувам, Господ ќе ти даде да разбереш сѐ.