Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Солуњаните 2:1-12

2 Солуњаните 2:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Нашиот Господ Исус Христос ќе се врати и ќе не прибере кај Себе. Затоа ве молам, драги пријатели христијани, не дозволувајте лесно да ве поколебаат, ниту да ве вознемират луѓето што тврдат дека Господ веќе се вратил. Тие можеби ќе тврдат дека тоа го дознале преку духовна објава, дека слушнале од некој друг, или дека тоа го прочитале во некое од нашите писма. Не дозволувајте да ве измамат! Тој ден нема да дојде пред луѓето масовно да отпаѓаат од верата и пред да се појави Човекот на гревот и уништувањето. Тој самиот себе ќе се возвишува и ќе се противставува на се што е Божјо и свето. Дури ќе се осмели да седне во Божјиот храм и да тврди дека тој е Бог. Зарем не се сеќавате дека ви го зборував ова додека бев кај вас? Вие знаете што е тоа што го спречува Злиот да се појави, се додека не дојде времето тој да настапи во јавноста. Неговата зла сила веќе подмолно дејствува, но има некој што го задржува и така ќе биде се додека тој не му се тргне од патот. Тогаш Човекот на гревот ќе се појави, а Господ Исус со Својот здив ќе го убие, ќе го уништи при Своето повторно доаѓање. Тој зол човек ќе дојде за да ги изврши делата на Сатаната: со сета своја сила ќе покаже лажни чудотворни знаци. Со своите зли дела ќе успее да ги измами оние што одат по патот кој води во пропаст, зашто одбија да ја засакаат вистината и така да се спасат. Затоа Бог им испраќа една толку уверлива измама, што ќе поверуваат во сите тие лаги. Тогаш сите тие ќе бидат казнети, бидејќи, наместо да поверуваат во вистината, тие уживаа да прават зло.

2 Солуњаните 2:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање кај Него, ве молам, браќа, да не се поколебате лесно во мисли­те свои и да ве обзема ужас, било поради некој дух, било поради некој збор, или преку послание, небаре како од нас испратено, дека божем веќе настапил Христовиот ден. Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта, кој се противи и се превознесува над сѐ што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог. Не помните ли дека уште кога бев кај вас ви зборував за тоа? Сега знаете што го задржа него да се открие во свое време. Тајната на беззаконието веќе деј­ствува, само тоа нема да биде извршено додека не се оттргне оној што ја задр­жу­ва сега; тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ (Исус) ќе го убие со здивот на устата Своја и преку појавата на Своето доаѓање ќе го истреби. Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса, и со секакво неправедно измамува­ње меѓу оние кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не по­веруваа во вистината, а ја засакаа не­правдата.

2 Солуњаните 2:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ве молиме, браќа, во однос на доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и за нашето собирање заедно при Него, не дозволувајте брзо да се поколебате во разумноста, ниту да се исплашите ни од дух, ни од слово, ни од послание, како да е од нас испратено, како веќе да настапил Господовиот Ден! Никој да не ве измами ниту по каков начин, зашто тоа не ќе се случи додека првин не дојде отпаѓањето и не се појави човекот на беззаконието, синот на погибелта, кој се противи и се воздига над сѐ што се наречува Бог или светина, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог. Не помните ли дека ви го зборував ова уште кога бев кај вас? И сега знаете што го задржува за да се појави тој допрва во свое време. Зашто, тајната на беззаконието веќе дејствува, само да се отстрани од средината оној, кој сега ја задржува и тогаш ќе се јави беззаконикот кого Господ ќе го убие со здивот на Својата уста и ќе го уништи со појавата на Своето доаѓање. Тоа е оној, чие доаѓање е според сатанското дејствување, со секаква сила, и со чудесни знаци и со лажни чуда, и со секаква неправедна измама, за оние кои загинуваат, зашто не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат. И затоа Бог ќе им испрати заблудна дејност за да ѝ веруваат на лагата, та да бидат осудени сите, кои не поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправдата.