Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 5:1-25

2 Самоилова 5:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш сите израелски племиња дојдоа кај Давид во Хеврон и рекоа: „Ете, ние сме твои коски и твоја плот. Порано, додека царуваше Саул над нас, ти го изведуваше и го воведуваше Израел; и Господ ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ Израел и ти ќе бидеш водач на Израел.‘“ Тогаш сите Израелови стерешини дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид направи со нив завет пред Господ во Хеврон; и го помазаа Давид за цар над сиот Израел. Давид беше на триесет години, кога се зацари; тој царуваше четирие­сет години. Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над целиот Израел и над Јуда. Царот тргна за Ерусалим заедно со луѓето свои против Јевусијците, жители од оној крај; но тие му велеа на Давид: „Ти нема да влезеш тука; слепите и сакатите ќе те избркаат“, – тоа значеше: Давид нема да влезе тука. Но Давид ја презеде тврдината Сион: Тоа е Давидовиот град. Тој ден Давид рече: „Секој што ќе ги нападне Јевусијците, нека удри со мечот и по сакатите и слепите, зашто нив ги замрази Давидовата душа.“ Затоа и се вели: „Слеп и сакат нема да влезе во домот Господов.“ И Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сѐ до внатре. И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него. Тирскиот цар Хирам испрати кај Давид пратеници и кедрово дрво, дрводелци и каменоделци, и тие му изградија на Давид дом. Давид разбра дека Господ го определил за цар над Израел и го воздигнал царството негово заради Својот народ Израел. Давид си зеде уште наложници и жени од Ерусалим, откако дојде од Хеврон. И му се родија на Давид уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние што му се родија во Ерусалим: Шамуа, Шовав, Натан и Соломон, Јивхар, Елишуа, Нефег и Јафија, Елишама, Елијада и Елифелет. Кога Филистејците слушнаа дека Давид е помазан за цар на Израел, сите Филистејци се кренаа да го бараат Давид. Давид слушна и отиде во тврдината. А Филистејците дојдоа и се сместија во Рефаимската Долина. И Давид Го запраша Господа, ве­лејќи: „Да одам ли против Филис­тејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?“ А Господ му одговори на Давид: „Оди, зашто Јас ќе ги пре­дадам Филистејците во рацете твои.“ Тогаш Давид отиде во Ва­ал-Пера­цим и таму ги совлада, и рече Давид: „Господ ги однесе пред мене непријателите мои, како вода што однесува.“ Поради тоа и она место се нарече Ваал-Перацим. Таму Филистејците ги оставија идолите свои, а Давид со луѓето свои ги зеде и заповеда да ги изгорат со оган. Филистејците пак дојдоа и поста­вија логор во Рефаимската Долина. А Давид Го праша Господа, а Гос­под му одговори: „Немој да им излегуваш во пресрет, туку опколи ги одзади и нападни ги откај горичката на црници. Кога ќе чуеш шум како кога минува некој по врвовите на црниците, тогаш појди, зашто тогаш Господ трг­нал пред тебе за да ја порази филистеј­ската војска.“ Давид постапи токму така како што му заповеда Господ; и тој ги собори Филистејците од Гева сѐ до влезот на Гезер.

2 Самоилова 5:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш се собраа сите израелски племиња кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо. Уште порано, додека Саул уште беше цар над нас, ти управуваше со сите движења на Израел, а Господ ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ и ти ќе бидеш водач на Израел!’“ Така дојдоа сите израелски старешини кај царот во Хеврон, а Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа; и го помазаа Давида за цар над Израел. На Давида му беа триесет години кога стана цар, а царуваше четириесет години. Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над сиот Израел и над Јуда. Давид тргна со луѓето на Ерусалим против Евусејците, кои живееја во онаа земја. Ама тие му порачаа на Давида: „Нема да влезеш ваму! Слепците и хромите ќе те одбијат!“ Тоа значеше: „Давид нема да влезе ваму.“ Сепак Давид ја зазеде Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град. Во оној ден Давид рече: „Кој ќе ги истепа Евусејците, нека ги порази со копје и хромите и слепите, кои ѝ беа замразени на Давидовата душа.“ Затоа се вели: „Слепците и хромите нека не влегуваат во Храмот.“ Давид се насели во тврдината и ја нарече Давидов Град. Тогаш Давид подигна ѕид наоколу од Мило па внатре. Давид стануваше сѐ посилен, зашто Господ, Бог над Воинствата, беше со него. Тирскиот цар Хирам му испрати на Давида пратеништво и кедрови дрва, дрводелци и ѕидари, кои што изградија дворец за Давида. Тогаш Давид созна дека Господ го потврди за цар над Израел и дека многу го возвиши неговото царство заради Својот израелски народ. По доаѓањето од Хеврон Давид зеде уште соложници и жени од Ерусалим; и му се родија на Давида уште синови и ќерки. Еве ги имињата на децата кои му се родија во Ерусалим: Самуј, Совав, Натан, Соломон, Евар, Нафиг, Јафиј, Елисам, Елијад и Елифалет. Кога Филистејците чуја дека го помазаа Давида за цар над Израел, сите излегоа за да го бараат Давида. Откако го чу тоа, Давид слезе во своето засолниште. Филистејците дојдоа и се раширија по Рафајската Долина. Тогаш Давид го праша Господа: „Можам ли да ги нападнам Филистејците? Сакаш ли да ми ги предадеш мене во рацете?“ Господ му одговори на Давида: „Нападни! Ќе ти ги предадам Филистејците во рацете!“ Тогаш Давид дојде во Вал Ферасим и таму ги порази. Давид рече: „Господ продре пред мене меѓу моите непријатели како што продира водата.“ Затоа тоа место беше наречено Вал Ферасим (Место на Продори). Таму ги оставија своите богови; а Давид и неговите луѓе ги однесоа. Филистејците дојдоа пак и се раширија по Рафајската Долина. Давид пак го праша Господа, а Тој му одговори: „Не оди пред нив, туку појди им зад плеќи и нападни ги од спротивната страна на Бекаим (Црници). Кога ќе чуеш шум на чекори по бекаимските врвови, тогаш побрзај, зашто тогаш Господ ќе оди пред тебе за да ја порази филистејската војска.“ Давид направи како што му заповеда Господ, и ги порази Филистејците од Гаваја до Гезер.