2 Самоилова 21:1-14
2 Самоилова 21:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во дните на Давид имаше по земјата три години глад, година по година. Давид Го праша Господа. И Господ рече: „Тоа е поради Саул и крвничкиот дом негов, поради тоа што ги убиваше Гаваонците.“ Тогаш царот ги повика Гаваонците и зборуваше со нив. Гаваонците не беа од Израеловите синови, туку остатоци од Аморејците, на кои Израелците им се заколнаа дека ќе ги поштедат, но Саул сакаше да ги уништи од ревност кон потомците на Израел и на Јуда. И Давид им рече на Гаваонците: „Што да направам за вас и со што да ве задоволам за да го благословите наследството Господово?“ Гаваонците му одговорија: „Не ни треба ни сребро, ни злато од Саул, ниту од неговиот дом, не ни треба да биде убиен некој од Израел.“ Тој праша: „А што сакате? Јас ќе направам.“ Тие му одговорија на царот: „Од оној човек што нѐ погубуваше и сакаше да нѐ истреби, за да нѐ нема никаде во израелските предели, – од неговите потомци предај ни седум души, и ние ќе ги обесиме среде бел ден пред Господ во Гива, градот на Саул, избраник Господов.“ А царот рече: „Ќе ви предадам.“ Но царот го поштеди Мемфивостеј, синот на Јонатан, Сауловиот син, поради клетвата во името Господово, која беше меѓу нив, меѓу Давид и Сауловиот син Јонатан. И ги зеде царот двајцата синови на Рицпа, ќерката на Аја, што таа му ги беше родила на Саул – Армониј и Мемфивостеј, и петте синови на Михала, што таа му ги беше родила на Адриел, синот на Верзелиј од Мехола. И ги предаде во рацете на Гаваонците, и тие ги обесија среде бел ден на гората пред Господ. И загинаа сите тие седум души заедно; тие беа погубени во првите дни на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва. Тогаш Рицпа, ќерката на Аја, зеде вреќа, си ја посла на карпа, и седеше од почетокот на жетвата, сѐ додека не се излеаја врз нив од небото Божјите води, и не остави да се допрат до мртвите тела птиците небески дење, и полските ѕверови ноќе. И му соопштија на Давид што направила Рицпа, ќерката на Аја, Сауловата наложница. Давид отиде, та ги прибра коските на Саул и коските на синот негов Јонатан од жителите на Јавеш Галаадски, кои ги беа зеле тајно од плоштадот на Бет-Шан, каде што ги беа обесиле Филистејците, во денот кога Филистејците го убија Саул во Гелвуја. Тој ги пренесе оттаму коските на Саул и коските на синот негов Јонатан; и ги собра коските на обесените. И ги погреба коските на Саул и на синот негов Јонатан, во земјата Венијаминова, во Цела, во гробот на татко му Кис. И извршија сѐ што беше заповедал царот. И потоа Бог се смили над земјата.
2 Самоилова 21:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во Давидовите дни еднаш владеше глад три години едно по друго. Давид Му се обрати на Господа, а Господ му одговори: „Врз Саула и неговиот дом лежи крвна вина, зашто ги погуби Гаваонците.“ Тогаш царот ги повика Гаваонците да ги праша. Тие Гаваонци не им припаѓаа на Израелците, туку беа остаток од Аморејците, на кои што Израелците им се заколнаа со заклетва, ама Саул бараше да ги уништи во својата ревност за Израелците и за Јудејците. И Така Давид ги праша Гаваонците: „Што да сторам за вас и со што да ви дадам задоволство, за да го благословите Господовото наследство?“ Гаваонците одговорија: „Не бараме ние ни сребро ни злато од Саул и од неговиот дом, ниту ни е да биде погубен некој човек во Израел.“ На тоа Давид им рече: „Што ќе речете, ќе направам за вас.“ А тие му одговорија на царот: „Човекот кој нѐ сотруваше и кој смислуваше да нѐ уништи, за да не нѐ биде никаде во сето израелско подрачје, нека ни бидат предадени седум луѓе од неговите потомци, за да ги обесиме пред Господа во Саулова Гаваја на Господовата Гора.“ Царот одговори: „Ќе ви ги дадам.“ Царот го поштеди Мефивостеј, синот на Сауловиот син Јонатан, заради заклетвата пред Господа, што ги поврза, Давида и Јонатана, синот Саулов. Така царот ги зеде двата сина на Ресфа, ќерката на Ајин, која му ги роди на Саула, Армониј и Мефивостеј, и сите пет синови на Михала, Сауловата ќерка, која му ги роди на Адрил, синот Варзелаев, од Меола. Нив им ги даде на Гаваонците, а тие ги обесија на гората пред Господа. Така загинаа сите седум заедно, погубени во првите денови на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва. Ресфа, ќерката на Ајин, зеде вреќа и ја спростре за себе врз камен, од почетокот на јачменовата жетва сѐ додека не падна дожд од небото врз мртвите тела, и така не ги остави небеските птици да се спуштаат на нив дење ни полските ѕверови ноќе. Кога на Давида му соопштија што направила ќерката на Ајин Ресфа, Сауловата соложница, Давид отиде и ги зеде Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан од жителите на Галадскиот Јавис, кои ги беа однеле скришно од плоштадот во Вет Сан, каде што ги обесија Филистејците во оној ден кога Филистејците го поразија Саула на Гелвуја. Давид ги пренесе оттаму Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан па ги здружи со коските на погубените. И ги закопаа Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан со коските на погубените во Венијаминовата Земја, во Сила, во гробот на Сауловиот татко Кис. Откако исполнија сѐ што царот заповеда, Бог се смилува на земјата.