2 Самоилова 13:1-39
2 Самоилова 13:1-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше сестра убавица, по име Тамара, и Амнон, Давидовиот син, се вљуби во неа. И Амнон толку се мачеше што се разболе по сестра си Тамара зашто таа беше девица, и на Амнон му се виде дека ќе биде многу тешко да направи нешто со неа. Но Амнон имаше пријател, по име Јонадав, син на Шима, Давидов брат; а Јонадав беше многу итар човек. И тој му рече: „Зошто толку слабееш од ден на ден, царски сине, нема ли да ми кажеш?“ Амнон му одговори: „Јас ја сакам Тамара, сестрата на братот мој Авесалом.“ Јонадав му рече: „Легни на леглото свое и направи се болен; и кога ќе дојде татко ти да те види, кажи му: Нека дојде сестра ми Тамара и да ми даде да јадам, и да зготви пред мои очи јадење, да го видам и да јадам од нејзините раце.“ Амнон легна и се направи болен, и царот дојде да го види; Амнон тогаш му рече на царот: „Нека дојде сестра ми Тамара и да приготви пред мои очи две слатки питки, та да каснам од рацете нејзини.“ Давид испрати човек во куќата да ѝ каже на Тамара: „Оди во куќата на братот свој Амнон и зготви му јадење.“ Таа отиде во куќата на својот брат Амнон, а тој лежеше. Таа зеде брашно, замеси, приготви питки пред неговите очи и ги испече; ја зеде тавата и ги стави пред него, но тој не сакаше да јаде. Тогаш рече Амнон: „Нека излезат сите што се покрај мене.“ И излегоа сите луѓе што беа покрај него. И Амнон ѝ кажа на Тамара: „Однеси го јадењето во внатрешната соба, и јас ќе каснам од твоите раце.“ Тамара ги зеде питките што ги беше приготвила, и му ги однесе на брата си Амнон во внатрешната соба. А кога таа му стави да јаде, тој ја фати и ѝ рече: „Дојди легни со мене, сестро.“ Но таа рече: „Не, брате, немој да ме обесчестиш, зашто така не се постапува во Израел; не прави го тоа безумство. Па јас каде ќе одам со бесчестието свое? И ти ќе бидеш безумник во Израел; разговарај со царот; тој нема да откаже да ме даде за тебе.“ Но тој не сакаше да ги слуша нејзините зборови; ја совлада и легна со неа. Потоа Амнон ја замрази многу, така што омразата негова спрема неа беше посилна од љубовта што ја имаше кон неа; и Амнон ѝ рече: „Стани, оди си!“ А Тамара му рече: „Не, брате, да ме избркаш е поголемо зло од првото што ми го направи.“ Но тој не сакаше да ја слуша. И го повика момчето што му слугуваше, па му рече: „Истерај ја оваа надвор и заклучи ја вратата по неа.“ Таа носеше шарена облека, бидејќи такви горни облеки носеа царските ќерки – девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата по неа. Тамара си ја посипа главата своја со пепел, ја раскина својата шарена облека, со која беше облечена, ги стави рацете свои на главата своја, и така одеше и викаше. А брат ѝ Авесалом ѝ рече: „Нели Амнон, братот мој, беше со тебе? Но сега молчи, сестро; тој ти е брат; не го кини срцето свое заради таа работа.“ И Тамара живееше самотно во домот на братот свој Авесалом. Царот Давид слушна за сето тоа и силно се разгневи. Авесалом, пак, не му рече на Амнон ни лошо ни добро; тој го намрази Амнон, поради тоа што ја обесчести сестра му Тамара. По две години имаше стрижба на овци кај Авесалом во Ваал-Асор, близу до Ефрем и Авесалом ги повика сите царски синови. И дојде Авесалом кај царот и рече: „Ете, кај твојот слуга денес има стрижба на овци, нека појде царот и слугите негови со твојот слуга.“ Но царот му рече на Авесалом: „Не, синко, нема да дојдеме сите за да не ти додеваме.“ И Авесалом го молеше многу; но тој не сакаше да оди и го благослови. Тогаш Авесалом му рече: „Нека дојде со нас барем братот мој Амнон.“ А царот му рече: „Зошто да дојде со тебе?“ Но Авесалом го убеди и тој го пушти со него Амнон и сите царски синови. Авесалом им заповеда на момците свои, велејќи им: „Гледајте, кога ќе се развесели срцето на Амнон од виното, и кога јас ќе ви кажам: удрете го Амнон, тогаш убијте го, не плашете се; тоа јас ви заповедам, бидете смели и храбри.“ Авесаломовите слуги направија со Амнон, како што им заповеда Авесалом. Тогаш станаа сите царски синови, се качи секој на маската своја и избегаа. Кога тие беа уште на пат, дојде глас до Давид дека Авесалом ги убил сите царски синови, и дека од нив не останал ниеден. Тогаш царот стана, ја раскина облеката своја, и се фрли на земјата, и сите слуги негови што стоеја крај него, ги раскинаа своите облеки. Но Јонадав, синот на Шима, Давидов брат, рече: „Да не мисли господарот мој дека сите момци, царски синови се убиени: само Амнон е убиен, зашто Авесалом ја имаше таа мисла од денот, кога Амнон ја обесчести сестрата негова; поради тоа, мојот господар, царот, нека не се обеспокојува од мислата дека сите царски синови умреле; умре само Амнон.“ А Авесалом избега. Момчето што стоеше на стража, ги крена очите и виде: ете, многу народ врви по патот низ надолнината. Тогаш Јонадав му рече на царот: „Тоа се царските синови, кои доаѓаат; како што кажа твојот слуга, така навистина станало.“ И штом го изговори тоа, ете, пристигнаа царските синови и фатија да плачат. Па и царот и сите слуги негови плачеа многу силно. Авесалом, пак, избега и отиде кај Талмај, синот на Гесурскиот цар Амихуд. И царот Давид плачеше за синот свој за сето време. Авесалом избега, дојде во Гесур и таму престојуваше три години. И царот Давид престана да го гони Авесалом, зашто се утеши поради смртта на Амнон.
2 Самоилова 13:1-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше убава сестра по име Тамара, и во неа се вљуби Давидовиот син Амнон. Амнон се измачуваше толку што речиси се разболе заради својата сестра Тамара: зашто таа беше девица, па Амнон не гледаше можност да ѝ направи што и да било. Ама Амнон имаше пријател по име Јонадав, син на Давидовиот брат Сама; а Јонадав беше мошне снаодлив. И тој го праша Амнона: „Откаде е тоа, царски сину, што си млитав секое утро? Нема ли да ми кажеш?“ А Амнон му одговори: „Вљубен сум во Тамара, сестрата на својот брат Авесалом.“ А Јонадав му рече: „Легни во постела и направи се болен, па кога ќе дојде татко ти да те посети, ти речи му: ‘Дозволи да дојде мојата сестра Тамара да ми даде да јадам; ако таа зготви јадење пред моите очи, да го видам тоа, тогаш ќе јадам од нејзината рака.’“ И така, Амнон легна и се преправи болен. Кога дојде царот да го посети, Амнон му рече на царот: „Дозволи да дојде мојата сестра Тамара за да зготви пред моите очи неколку колачи и јас ќе се закрепнам од нејзината рака.“ Тогаш Давид ѝ порача на Тамара во дворецот: „Оди во куќата на брата си Амнона и зготви му јадење!“ Тамара отиде во куќата на својот брат Амнон. А тој лежеше. Таа зеде брашно, го замеси, направи колачиња пред неговите очи и ги испече. Потоа зеде сад и ги стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Испрати ги сите оттука!“ И сите излегоа од кај него. Тогаш Амнон ѝ рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во спалната, за да се поткрепам од твојата рака!“ И Тамара ги зеде колачињата што ги беше зготвила и му ги донесе на брата си Амон во спалната. А кога му пружи за да јаде, тој ја фати со раката и ѝ рече: „Дојди, моја сестро, легни со мене!“ А таа му рече: „Немој, брату мој! Не ме срами, зашто така не се прави во Израел. Не прави таков срам! Каде би се криела јас со мојот срам? А и ти ќе бидеш како бесрамник во Израел! Туку зборувај со царот: тој нема да ме одрече за тебе!“ Ама тој не сакаше да ја послуша, и бидејќи посилен од неа, ја совлада и легна со неа. Тогаш ја замрази веднаш со силна омраза, та омразата со која ја замрази беше поголема од љубовта со која ја љубеше порано. И ѝ рече Амнон: „Стани! Оди си!“ А таа му одговори: „Не, брату мој! Ако ме избркаш сега, тоа ќе биде поголемо зло од она што си ми го направил!“ Ама тој не сакаше да ја слуша, туку го повика момокот што му служеше и му заповеда: „Избркај ја сега оваа од кај мене, исфрли ја и заклучај ја вратата зад неа!“ А таа имаше на себе облека разнобојна, зашто некогаш во такви облеки ги облекуваа царските ќерки додека беа девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата зад неа. Тогаш Тамара зеде пепел и се посипа по главата, ја раскина шарената облека што ја имаше на себе, ја стави раката на главата и си отиде викајќи гласно додека одеше. А нејзиниот брат Авесалом ја праша: „Дали можеби твојот брат Амнон беше со тебе? Ама сега, сестро моја, молчи: брат ти е! Не земај го тоа на срце!“ Така Тамара остана осамена во куќата на својот брат Авесалом. Кога царот Давид чу сѐ што се случило, многу се разгневи. А Авесалом не му рече на Амнона ни збор, зашто Авесалом го замрази Амнона што му ја засрами сестрата Тамара. А по две години Авесалом ги стрижеше овците во Вал-Асор, кај Ефрема; и Авесалом го повика сето царско семејство. Авесалом дојде кај царот и му рече: „Еве, твојот слуга ги стриже овците, па нека царот и неговите дворјанци се удостојат да дојдат кај својот слуга.“ Ама царот му одговори на Авесалома: „Не, сине, не ќе дојдеме сите, за да не ти бидеме на товар.“ Авесалом настојуваше, но тој не сакаше да оди, туку го благослови и го пушти. Ама Авесалом продолжи: „Ако не сакаш ти, дозволи тогаш мојот брат Амнон да тргне со нас.“ А царот го праша: „Зошто да иде со тебе?“ Ама Авесалом и натаму навалуваше, та најпосле Давид ги пушти со него Амнона и сите царски синови. И им заповеда на своите слуги вака: „Внимавајте! Кога ќе му се развесели срцето на Амнон од вино и кога јас ќе ви викнам: ‘Убијте го Амнона!’ тогаш погубете го! Не бојте се, зашто така ви заповедам! Охрабрете се и покажете се јунаци!“ И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа. Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.“ Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки. Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара. Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.“ А Авесалом избега. А момчето што беше на стража ги подигна очите и согледа мноштво народ како слегува по патот зад него, отаде планината. И Јонадав му рече на царот: „Еве, стигнаа царските синови! Се случи како што ти рече твојот слуга.“ Туку што го изрече тоа, а царските синови влегоа и заплакаа со сиот глас; а и царот и сите негови слуги плачеа силно. Авесалом пак беше избегал и беше отишол кај Талмај, синот Амијудов, гесурски цар. А Давид тажеше по својот син непрекратно. А бидејќи Авесалом избега и отиде во Гесур, остана таму три години. И душата на царот Давид копнееше по Авесалома: зашто се утеши за Амноновата смрт.