2 Самоилова 11:3-9
2 Самоилова 11:3-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Давид испрати да дознаат, која е таа жена? Му рекоа: „Тоа е Витсавеја, Елијамова ќерка, жена на Хитиецот Урија.“ Давид испрати слуги да ја земат; и таа дојде кај него, и тој спиеше со неа. А кога таа се исчисти од својата нечистотија, се врати во домот свој. Жената остана бремена и испрати гласници да му јават на Давид и да кажат: „Бремена сум.“ Тогаш Давид испрати гласници да му кажат на Јоав: „Испрати го кај мене Хитиецот Урија!“ И Јоав го испрати Урија кај Давид. Урија дојде кај него, и Давид го распраша за положбата на Јоав, за положбата на народот и за текот на војната. Давид му рече на Урија: „Оди во домот свој и измиј си ги нозете.“ Урија излезе од царскиот дом, и по него однесоа и царско јадење. Но Урија преспа пред вратата на царскиот дом заедно со сите слуги на господарот свој и не отиде во својот дом.
2 Самоилова 11:3-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!“ Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа. Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!“ Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!“ И Јоав го испрати Урија кај Давида. Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната. Потоа Давид му рече на Урија: „Слези во својата куќа и измиј си ги своите нозе!“ Уриј излезе од царскиот дворец, а по него изнесоа подарок од царскиот стол. Но Уриј остана да спие пред вратата на царскиот дворец со стражарите на својот господар, и не отиде во својата куќа.