2 Петар 2:17-22
2 Петар 2:17-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Таквите луѓе се како пресушени извори, како облаци разнесени од ветрот. За нив е обезбедено место во најцрната темнина. Устите им се полни со празни фалби. Со своите незауздани телесни похоти, тие ги заведуваат луѓето кои одвај се оттргнале од живеење во заблуди. Им ветуваат слобода, а самите се робови на корупција, зашто човек му робува на она што не може да го заузда. Ако тие навистина се оттргнаа од валканите навики на овој свет кога дознаа за нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и сега пак се вплеткуваат во стапицата на развратноста и претрпуваат пораз, тогаш нивната сегашна состојба е полоша од онаа на почетокот! Подобро ќе беше да не го запознаеја патот на праведноста, отколку, откако го запознаа, да и свртат грб на светата заповед што им беше дадена! Ним им се случи она што го кажуваат поговорките: “Песот се враќа на сопствената блујавица.“ и „Откако се искапала, свињата во калта се вратила!“
2 Петар 2:17-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тие се безводни извори, облаци и магли од бура разнесувани; за нив е резервиран мракот на темнината засекогаш. Зашто, говорејќи празни зборови, ги мамат на телесни похоти и нечистотија оние кои тукушто се оттргнале од тие што живеат во заблуда. Им ветуваат слобода кога тие самите се робови на развратот, зашто кога некој некого победува, тој и го поробува. Зашто, ако ги избегнале световните скверности преку познанието на Господ и Спасителот наш Исус Христос, и пак се плеткаат во нив и бидуваат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото! За нив би било подобро да не го беа познале патот на правдата отколку, откако го познаа, да отстапат од светата заповед која им е предадена. Ним им се случува според вистинската поговорка: „Песот се враќа на својата блујавица“ и „Искапената свиња – во калта.“
2 Петар 2:17-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тоа се безводни извори и облаци, што ги тера виорот; за кои се пази темен мрак засекогаш. Зашто со тоа што зборуваат високозвучни и суетни зборови ги мамат преку телесните страсни желби и преку разузданост оние, кои што туку избегале од оние кои живеат во заблуда; им ветуваат слобода, а самите ѝ робуваат на расипаноста, зашто од што е некој победен, на тоа и му робува. Зашто ако оние кои со вистинското познавање на Господа, Спасителот Исуса Христа ѝ избегаа на светската расипаност и пак се заплеткуваат во неа, и ако таа ги победи, тогаш последново им станува полошо од првото. Имено, за нив би било подобро да не го познаваа патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се одвратат од светата заповед, која им е предадена. Ним им се случува она што вели вистинската поговорка: „Песот се враќа на својата блувотина,“ и „Искапената свиња се враќа да се валка во калта.“