2 Коринтјаните 12:11-21
2 Коринтјаните 12:11-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Почнав неразумно да зборувам, но вие ме принудивте. Вие требаше да ме фалите! Иако и јас сум никој и ништо, сепак во ништо не заостанувам зад тие ваши ?големи апостоли‘. Додека бев кај вас, ви дадов доволно докази дека јас навистина сум апостол испратен од Бог. Со голема стрпливост ви беа покажани многу видливи докази, чуда и големи дела. Во што бевте запоставени во споредба со другите цркви, освен што не ви бев на товар и издршка? Простете ми што во тоа сум ве ?онеправдал!‘ Еве, готов сум и по третпат да дојдам кај вас. Нема да ви бидам на товар, зашто не барам ништо материјално од вас. Вие сте ми важни. Впрочем, не се децата тие што треба да обезбедуваат храна за родителите, туку обратно: родителите ги хранат децата. Од моја страна, јас со задоволство ќе потрошам се што имам, па и самиот себе ќе се потрошам, за да ги нахранам вашите души. Но се чини дека, колку повеќе јас ве засакувам, толку помалку вие мене ме сакате. Нека биде така. Ќе се согласите дека со ништо не ви бев на товар. Некој може да рече: „Беше таков за лукаво, со измама да не придобие!“ Дали јас или некој од оние што ги испраќав кај вас ве искористувале? На моја молба Тит дојде кај вас, придружуван уште од еден брат. Зар Тит ве искористуваше? Зар тој не оди по моите стапки? Зар и него не го водат истите мотиви што ме водат и мене? Можеби ќе си помислите дека ние сега сакаме да се правдаме пред вас. Не! Ви зборуваме како Христови слуги и знаеме дека Бог не слуша. Се што правиме, драги пријатели, е за да ве изградиме. Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви што сакам да бидете, поради што ни јас спрема вас нема да бидам онаков каков што вие би сакале да бидам. Се плашам дека меѓу вас ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие. Страхувам Бог да не ме посрами пред вас, зашто многу ќе се нажалам поради оние што порано грешеле, а досега не се покајале за неморалот, блудот и развратот што ги направиле.
2 Коринтјаните 12:11-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Фалејќи се станав безумен! Вие ме принудивте. Вие требаше да ме пофалите, зашто со ништо не сум подолен од надапостолите, иако сум ништо. Зашто знаците на апостолите се покажаа меѓу вас во полно трпение, во знаци, чудеса и силни дела. По што останавте подолни од другите цркви, освен по она што јас не ви дотежнеав? Простете ми ја таа грешка! Еве, по третпат се готвам да дојдам кај вас и пак нема да паднам на ваш товар; зашто јас не го барам вашето, туку вас: децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата. А јас на драго срце сѐ ќе жртвувам и ќе се жртвувам себе за вашите души. Иако јас премногу ве љубам, вие многу помалку ме љубите. Но нека биде така! Јас не ви додевав; само, бидејќи итар, ве добив на измама. Да не сум ве искористил можеби преку оние што ги испраќав кај вас? Го замолив Тит, а со него го пратив и еден од браќата. Да не ве исползува можеби Тит во нешто? Не одевме ли со ист дух? Нели по истите стапки? Одамна мислите дека пред вас се одбрануваме. Ние зборуваме пред Бога, во Христос, и сето тоа, возљубени, е за ваше изградување. Бидејќи се плашам дека можеби, кога ќе дојдам нема да ве најдам такви какви што сакам; а дека и вие нема да ме најдете таков каков што сакате: да не има можеби меѓу вас кавги, завист, гнев, гордост, раздор, клевети, озборување, горделивост, побуни; кога повторно ќе дојдам, да не ме понижи мојот Бог кај вас, и да не треба да оплакувам за мнозина кои погрешиле порано и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамот што ги направиле.
2 Коринтјаните 12:11-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Станав безумен; вие ме принудивте. Требаше вие да ме препорачувате, зашто во ништо не сум подолен од најпрвите апостоли, ако и не сум ништо. Апостолските знаци направени се меѓу вас во секакво трпење, во знаци, чудеса и сили. Во што добивте помалку од другите цркви, освен што јас не ви бев товар. Простете ми ја таа вина! Еве, готов сум да дојдам при вас и по третпат, и нема да ви бидам товар, зашто не го барам вашето, туку вас. Зашто, децата не се должни да печалат блага за родителите, туку родителите за децата. А јас со најголемо задоволство ќе потрошам сѐ и самиот ќе се потрошам за вашите души. Кога јас ве љубам толку многу; ќе бидам ли јас помалку љубен? Па нека биде! Не ви бев товар, но како итар човек ве добив со измама. Дали ве искористив преку некој од оние, кои ви ги испратив? Го замолив Тит и со него го испратив оној брат. Зар Тит ве исползува? Зар не одевме во ист дух? Не по истите ли стапки? Вие одамна мислите дека се оправдуваме пред вас! Пред Бога, во Христа, зборуваме, а сѐ е тоа, возљубени мои, за ваша надградба. Зашто се плашам, кога ќе дојдам, да не ве најдам такви, какви што ве сакам; и да не се најдам и јас пред вас таков, каков што вие не ме сакате; да нема меѓу вас: кавги, зависти, гнев, соперништво, клевети, гордости, немири; и кога ќе дојдам пак, да не ме понизи мојот Бог пред вас и да не треба да плачам за мнозина, кои згрешиле порано, а не се покајале за нечистотата, и блудството, и срамотата, што ги направиле.