Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 18:1-34

2 Летописи 18:1-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Јосафат имаше големо богатство и слава, па се сроди со Ахав. По неколку години отиде кај Ахав во Самарија; и закла Ахав многу до­биток, ситен и крупен, за него и за луѓето со него и го убедуваше да се кренат против Рамот Галаадски. И му рече Ахав, царот израелски, на Јосафат, царот јудејски: „Ќе дојдеш ли со мене против Рамот Галаадски?“ Тој му одговори: „Како што ќе одиш ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ; ќе дојдам со тебе во војна!“ Уште му рече Јосафат на царот из­раелски: „Прашај уште денес што ќе рече Господ.“ Израелскиот цар собра четиристотини души пророци и им рече: „Да одиме ли во војна против Рамот Га­лаадски, или да се откажеме?“ Тие од­говорија: „Оди, и Господ ќе го предаде во раката на царот.“ Јосафат праша: „Нема ли тука уште некој пророк Господов, да го прашаме и него?“ Му одговори царот израелски на Јосафат: „Има уште еден човек, преку кого можеме да Го прашаме Господа, но јас него не го сакам, зашто тој не пророкува добро за мене, туку секогаш пророкува лошо; тој е Михеј, син на Јимла.“ Јосафат му рече: „Не зборувај та­ка, царе!“ Царот израелски повика еден дворјанин и му рече: „Оди побрзо да го по­викаш Михеј, синот на Јимла!“ А царот израелски Ахав и Јоса­фат, царот јудејски, седеа секој на престолот свој, облечени во царска облека, седеа на плоштадот пред самарјанските пор­ти, и сите пророкуваа пред нив. Седекија, синот Ќенаанов, си беше направил железни рогови и рече: „Вака вели Господо: ‚Со нив ќе ги бодеш Ара­мејците, додека не ги истребиш.‘“ И сите пророци го пророкуваа истото, велејќи: „Оди против Рамот Галаад­ски, ќе имаш успех, и Господ ќе го пре­даде во раката на царот.“ Испратениот, што отиде да го повика Михеј, му рече: „Ене, пророците ед­ногласно му претскажуваат добро на царот; и твојот збор нека биде таков, како на секого од нив: изречи и ти добро.“ Михеј одговори и рече: „Се колнам во живиот Господ! Она што ќе ми каже Господ, тоа ќе го изречам.“ Кога дојде кај царот, а царот му рече: „Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галаадски, или да се воз­држиме?“ Тој одговори: „Одете, ќе имате успех; тие ќе бидат предадени во рацете ваши.“ Царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам да не ми говориш ништо, освен вистината во името Госпо­дово?“ Тогаш Михеј рече: „Ги видов сите синови на Израел, распрснати по горите како овци без пастир – и Господ рече: ‚тие немаат водач, секој нека се врати со мир во домот свој!‘“ Царот израелски му рече на Јосафат: „Нели ти реков дека тој не ми пророкува добро, туку само лошо?“ Михеј пак рече: „Тогаш чујте го зборот Господов: Го видов Господа, седнат на Својот престол, а сета војска небеска стоеше десно и лево од Него. И рече Господ: ‚Кој ќе го измами Ахав, израелскиот цар, да оди и да загине во Рамот Галаадски?‘ И еден велеше вака, друг велеше инаку. Истапи еден дух, застана пред лицето на Господ и рече: ‚Јас ќе го измамам.‘ А Господ праша: ‚со што?‘ Тој одговори: ‚Ќе излезам и ќе станам дух на лагата во устата на сите пророци негови.‘ И рече Тој: ‚Ти ќе го подмамиш и ќе успееш; оди и направи така.‘ И сега, ете, Господ допушти да влезе духот на лагата во устата на тие твои пророци, но Господ рече не е добро за тебе.“ Тогаш пристапи Седекија, син на Ќенаана, па го плесна Михеја и рече: „По кој пат замина од мене Духот Господов, за да говори во тебе?“ А Михеј рече: „Ете, ќе го видиш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од соба во соба, за да се сокриеш.“ Тогаш израелскиот цар рече: „Земете го Михеј и одведете го кај градоначалникот Амон и кај кнезот Јоас, царевиот син, и речете, вака вели царот: ‚затво­рете го овој во темница и хранете го скудно со леб и вода, додека да се вра­там со мир.‘“ А Михеј рече: „Ако се вратиш со мир, тогаш не говорел Господ преку мене.“ И пак рече: „Чујте го ова сите луѓе!“ И тргнаа царот израелски и Јоса­фат, царот јудејски, кон Рамот Галаад­ски. И царот израелски му рече на Јоса­фат: „Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи ги царските одежди.“ И се преоблече царот израелски, и влегоа во битка. Тогаш царот арамејски од својата кола им заповеда на војводите: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на царот израелски!“ А кога заповедниците на колите го видоа Јосафат, си помислија: тоа е ца­рот израелски, – и го опколија, за да се удрат со него. Но Јосафат извика, и Господ му помогна, и Бог ги одврати од него. Штом заповедниците на колите видоа дека тоа не беше царот израел­ски, отстапија од него. Во тоа време еден човек го затегна случајно лакот свој и го рани израелскиот цар низ спојката меѓу појасот и оклопот негов. И тој му кажа на човекот: „Врати се назад и изведи ме од битката, зашто сум ранет.“ Но борбата во тој ден се засили; и израелскиот цар седеше на колата спроти Арамејците до вечерта и умре по зајдисонце.

2 Летописи 18:1-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јосафат придоби големо богатство и слава, та се спријатели со Ахав. По неколку години дојде кај Ахава во Самарија. Ахав закла многу ситен добиток и говеда за него и за луѓето што беа со него, и го наговоруваше да тргне против Галадскиот Рамот. Израелскиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?“ Тој одговори: „Јас сум како и ти, мојот народ е како и твојот, ќе дојдеме со тебе на војна.“ Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!“ Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?“ Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.“ Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?“ Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.“ Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!“ Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!“ Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’“ Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!“ Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!“ Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?“ Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!“ Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?“ Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’“ Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?“ А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево. Господ праша: ‘Кој ќе го заведе израелскиот цар Ахав за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Еден рече ова, друг рече она. Тогаш влезе еден дух, застана пред Господа и рече: ‘Јас ќе го заведам!’ Господ го праша: ‘Како?’ Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ му рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.“ Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?“ Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.“ Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас. Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.“‘“ Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!“ И додаде: „чујте сите народи!“ Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот. Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!“ Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој. Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!“ Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!“ И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него. Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тоа не е израелскиот цар, се свртија од него. Еден случајно го оптегна својот лак и го рани израелскиот цар меѓу наборот на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Тргни ја уздата и изведи ме од бојот, зашто сум ранет.“ Во оној ден бојот беше сѐ пожесток, ама израелскиот цар се држеше простум во бојната кола спроти Арамејците сѐ до вечерта и умре при зајдисонце.