1 Тимотеј 3:1-7
1 Тимотеј 3:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Точно е дека кога некој сака да биде водач на црква, посакува многу возвишена работа. Затоа, за да биде човек водач на црква мора да биде без пороци, да и биде верен на својата сопруга, да биде воздржан, разумен, со добар углед, гостољубив и способен да поучува. Не смее да се опива, ниту да врши насилства. Треба да биде трпелив, да не е склон кон расправии и да не биде алчен за пари. Треба да биде добар домаќин, а неговите деца треба да го слушаат и да го почитуваат. Ако тој не умее да го води сопственото домаќинство, како тогаш ќе се грижи за Божјата црква!? Тој не смее да биде новообратен, за да не стане горделив и да ја направи истата грешка што ја направи и Ѓаволот. Тој треба да ужива добар углед и кај луѓето што не и припаѓаат на црквата. Во спротивно, тој може да падне во стапицата на Ѓаволот и да се посрамоти.
1 Тимотеј 3:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа. Епископот треба да е непорочен, маж само на една жена, разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува; не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и не среброљубив; својата куќа добро да ја управува и да ги држи чедата во послушност со сета сериозност. Зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја? Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и да падне под осуда, како ѓаволот. Тој треба уште да има и добар углед кај надворешните за да не биде укоруван и да не падне во стапицата на ѓаволот.
1 Тимотеј 3:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Верно е словото: кој ревнува за епископство, добра служба посакува. Според тоа, епископот треба да биде: непорочен, маж на една жена, трезвен, разумен, пристоен, гостољубив, способен за поучување; не пијаница, не жесток, не лаком, туку благороден, не наклонет на препирка, не среброљубец, кој управува добро со својот дом и има покорни деца со сета честитост, зашто ако не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјата црква? - Да не е новообратен, за да не се возгордее и да падне во осудата на ѓаволот! А треба да има и добро сведоштво и од надворешните, за да не падне во прекорување и во стапица на ѓаволот.