1 Солуњаните 3:6-13
1 Солуњаните 3:6-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сега Тимотеј се врати од кај вас и ни донесе радосни вести. Ни раскажа дека во вас има и вера и љубов. Ни пренесе дека со радост се сеќавате на нас, и дека и вие копнеете пак да не видите. Така, драги пријатели, и покрај сите маки и страдања низ кои минуваме, вашата вера многу не охрабри. Вашата непоколеблива вера во Господ претставува силен поттик за нас. Како да Му се заблагодариме на Бог за вас? Како да Му возвратиме за сета радост што ни ја причинувате? Деноноќно, од се срце Му се молиме на Бог пак да се сретнеме со вас и да ви помогнеме онаму каде што имате потреба во однос на вашата вера. Се молиме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос, да ни дозволат пак да дојдеме кај вас. Господ нека ја поттикне љубовта што ја имате еден спрема друг и спрема сите луѓе. Таа љубов нека расте онака како што расте нашата љубов спрема вас. А кога нашиот Господ Исус ќе дојде, заедно со сите Негови следбеници, нека ги направи вашите срца чисти и посветени во очите на Бог, нашиот Татко. Амин.
1 Солуњаните 3:6-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сега, откако се врати Тимотеј кај нас од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека секогаш имате добар спомен за нас и копнеете да нѐ видите, како и ние вас, ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, со вашата вера; зашто ние сега живееме, кога вие стоите во Господ. Каква благодарност, навистина, можеме да Му воздадеме на Бога за вас за сета радост со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог, кога дење и ноќе многу усрдно се молиме, за да го видиме вашето лице и да го дополниме она што ѝ недостига на вашата вера? А сам Бог и Отецот наш и Исус Христос, нашиот Господ, нека го насочи патот наш право кон вас! Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас, и да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред Бога и Отецот наш при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии! (Амин!)
1 Солуњаните 3:6-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А сега, откако ни дојде Тимотеј од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека имате секогаш добар спомен за нас и дека копнеете да нѐ видите, како и ние вас, затоа, браќа, се утешивме за вас поради вашата вера во сета своја потреба и неволја; зашто ние живееме сега, кога вие стоите цврсто во Господа. Зашто, каква благодарност можеме да Му воздадеме на Бога за вас, за сета радост со која се радувавме поради вас пред својот Бог? Ноќе и дење се молиме најусрдно да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа, што ѝ недостига на вашата вера. А Самиот Бог и нашиот Татко, и нашиот Господ Исус Христос да го управи нашиот пат кон вас! А Господ да направи вие да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, како што и ние ја имаме кон вас, за да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Свои свети.