1 Солуњаните 2:13-16
1 Солуњаните 2:13-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Постои и друга причина поради која ние постојано Му заблагодаруваме на Бог. Кога ја слушнавте од нас Божјата порака, вие ја прифативте не како порака што доаѓа од луѓе, туку како Божја порака, што таа навистина и е. Таа сега дејствува во вас кои поверувавте. Драги пријатели христијани, вам ви се случија истите нешта што им се случуваат на Божјите цркви во Јудеја и на сите луѓе што Му се верни на Исус Христос. Вие настрадавте од вашите сонародници, исто како што тие страдаа од Евреите, од оние што Го убија Господ Исус, што ги убиваа пророците, од оние што и нас жестоко не прогонуваа. Тие не Му се по волја на Бог. Непријателски се расположени спрема целото човештво. Ни забрануваа да им проповедаме на луѓе што не се Евреи, за да не се спаси и некој што не е Евреин! Со тоа докрај се исполни списокот на нивните гревови. Сега Божјиот гнев конечно дојде и на нивна глава.
1 Солуњаните 2:13-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа и непрестано Му благодариме на Бога, зашто, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку – како што е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате. Вие, браќа, станавте подржаватели на Божјите цркви во Христос Исус, што се во Јудеја, бидејќи и вие исто така претрпевте од своите сонародници, како и оние од Јудејците што ги убија Господ Исус и пророците, и нас нѐ избркаа, и на Бога не Му угодија, и на сите луѓе им се противат; тие што ни пречат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат и со тоа секогаш ги дополнуваат гревовите свои; но гневот ги достигна на крај.
1 Солуњаните 2:13-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И затоа и ние Му благодариме на Бога постојано зашто, примајќи го Божјото слово, што сте го чуле од нас, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово - какво е навистина - кое и дејствува во вас, кои верувате. Зашто, вие браќа, се угледавте на Божјите цркви, кои се во Христа Исуса во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Јудејците, од оние, кои Го убија Господа Исуса, и пророците, а нас нѐ изгонија; кои не Му угодуваат на Бога, кои им се противат на сите луѓе; кои ни бранат да им зборуваме на народите, за да се спасат, така ги дополнуваат своите гревови секогаш. Но најпосле Божјиот гнев дојде на нив!