1 Солуњаните 2:1-9
1 Солуњаните 2:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Вие, драги мои, знаете дека нашето доаѓање кај вас не беше загубено време. Знаете како настрадавме и како не навредуваа во градот Филипи, пред да дојдеме кај вас. Сепак, Бог ни даде храброст, наспроти силното противење, и вам да ви ја пренесеме Неговата Радосна вест. Тоа што ви го проповедавме не произлегува од заблуда, ниту пак е со нечисти мотиви, или со измами. Зборуваме онака како што Бог бара од нас, зашто Тој не провери и утврди дека може да ни го довери проповедањето на Радосната вест. Затоа ние зборуваме, не со намера да им угодуваме на луѓето, туку да Му угодиме на Бог, на Оној што ги проверува мотивите на нашите срца. Добро знаете дека ние не се обидовме да ве придобиеме со подмилкување. Бог ни е сведок дека не дојдовме кај вас со подмолна алчност за богатење. Не бараме ни признание од луѓето: ниту од вас, ниту од други луѓе. Како апостоли на Христос можевме да ви поставуваме разни барања, но ние многу внимателно се однесувавме со вас, како мајка доилка што со нежност се грижи за своите дечиња. Толку ни станавте мили, толку се приврзавме спрема вас, што бевме решени не само да ви ја пренесеме Божјата Радосна вест, туку и душите свои да ги дадеме за вас. Впрочем, драги пријатели, потсетете се како ние работевме и се трудевме. Ден и ноќ работевме за својата издршка, за да не му бидеме на товар на никого од вас додека ви ја проповедавме Божјата Радосна вест.
1 Солуњаните 2:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Вие сами знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудо; напротив, откако пострадавме и бевме поругани во Филипи, како што знаете, ние се охрабривме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото Евангелие со тешка борба. Зашто нашиот поттик не произлегува ни од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство, туку, како што Бог нѐ удостои да ни Го довери Евангелието, така и зборуваме – не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши. Зашто никогаш не сме се послужиле со ласкави зборови, како што знаете; ниту со помисли за корист: Бог е сведок! И не баравме слава од луѓе – ниту од вас, ниту од други, иако можевме и да се наметнеме како Христови апостоли. Но сепак ние бевме меѓу вас така нежни, како што се однесува мајката кога ги дои своите деца. Така полни со љубов кон вас, бевме готови да ви го предадеме не само Евангелието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги. Спомнете си браќа за нашиот труд и мака: работејќи дење и ноќе за да не му додеваме никому од вас, ние ви Го проповедавме Евангелието Божјо.
1 Солуњаните 2:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кон вас не беше напразно. Напротив, иако порано пострадавме и бевме хулени во Филипи, како што веќе знаете, бевме смели во нашиот Бог, да ви го проповедаме Божјото Евангелие среде голема борба. Зашто нашето бодрење не беше од заблуда ни од нечистота, ниту со измама, туку како што Бог нѐ испита да ни го довери Евангелието, така зборуваме не угодувајќи им на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува нашите срца. Зашто, како што знаете никогаш не настапивме со ласкави зборови ниту со притаено лакомство. Бог е сведок за тоа. Ниту баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите, иако можевме да настапиме со важност како Христови апостоли. Напротив, бевме благи меѓу вас, како доилката, која топло ги негува своите деца, така, полни со љубов кон вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие, туку и своите души, зашто ни станавте мили. Затоа, браќа, вие ги помните нашиот труд и мака: работејќи ноќе и дење, за да не му паднеме на терет на некој од вас, додека го проповедувавме Божјото Евангелие.