Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 20:1-8

1 Самоилова 20:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Давид избега од Нават, кој е кај Рама, и дојде, па му рече на Јо­натан: „Што направив јас, во што сум виновен, со што згрешив пред татко ти, та ја бара душата моја?“ Му одговори Јонатан: „Не, ти нема да умреш. Ете, татко ми не прави ни­што, било големо, било мало, без да им јави на ушите мои. Зошто татко ми ќе го крие тоа од мене? Тоа нема да биде.“ Давид се колнеше и говореше: „Тат­ко ти добро знае дека јас стекнав благонаклоност во твоите очи, затоа си вели: ‚нека не знае за тоа Јонатан за да не се огорчи.‘ Но, ти се колнам во Господ и во твојата душа дека само еден чекор има меѓу мене и смртта.“ Јонатан му рече на Давид: „Што са­ка душата твоја, јас ќе го сторам тоа за тебе.“ Тогаш Давид му рече на Јонатан: „Ете, утре е млада месечина, и јас треба да седам со царот на трпезата; но пушти ме, и јас ќе се кријам во полето до ве­черта на третиот ден. Ако татко ти запраша за мене, ти кажи: ‚Давид ме замоли да оди во својот град Витлеем, зашто таму се врши годишно принесување на жртва за сиот негов род.‘ Ако на тоа тој каже: ‚добро‘, твојот слуга ќе има мир; ако, пак, се разгневи, тогаш знај дека тој намислил нешто лошо. А ти стори му милост на твојот слуга, – зашто ти го воведе слугата свој во завет Господов со тебе, – и ако има некоја вина во мене, убиј ме ти! Зошто да ме водиш кај татко ти?“

1 Самоилова 20:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Давид избега од Најот во Рама и дојде кај Јонатана та му рече: „Што направив? Каква беше мојата вина и што му згрешив на татка ти, та го бара мојот живот?“ А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?“ Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.“ Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?“ А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта. Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’ Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби. И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?“