Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 19:1-10

1 Самоилова 19:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Саул му говореше на синот свој Јонатан и на сите слуги свои да го убијат Давид. Но Сауловиот син Јо­натан многу го сакаше Давид. Јонатан му кажа на Давид и рече: „Татко ми Саул сака да те убие. Затоа пази се утре. Сокриј се и биди на тајно место. Јас, пак, ќе излезам и ќе застанам до татко ми на нивата, каде што ќе бидеш ти, и ќе му позборувам на татко ми за тебе; што ќе разберам, ќе ти сооп­штам.“ Јонатан му говореше на татко си Саул добро за Давид, велејќи му: „Да не греши царот против својот слуга Давид, зашто тој во ништо не згрешил против тебе, и делата негови се многу корисни за тебе. Тој ја изложи душата своја на опасност за да го порази Филистеецот; и Господ изврши големо спасение за сиот Израел; ти го виде тоа и се радуваше; зашто сега сакаш да згрешиш против невина крв и да го убиеш Давид без причина?“ И Саул го послуша гласот на Јонатан, и се заколна Саул: „Се колнам во Господ! Давид нема да умре.“ Тогаш Јонатан го повика Давид; му ги соопшти Јонатан сите тие зборови и го доведе Јонатан Давид кај Саул, и тој беше кај него, како и порано. Почна пак војна, и излезе Давид, пак се биеше против Филистејците, и им нанесе голем пораз, и тие бегаа од него. И лош дух од Бога го нападна Саул, и тој седеше дома со копје во раката, а Давид свиреше со рака по струните. Саул сакаше да го прикове Давид со копјето за ѕидот, но Давид отскокна од Саул, и копјето се забоде во ѕидот; а Давид избега и се спаси таа ноќ.

1 Самоилова 19:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Саул им ја образложи на својот син Јонатан и на сите свои дворјани својата намера да го убие Давида. Но Јонатан, Сауловиот син, мошне многу се радуваше на Давида. И Јонатан тоа му го соопшти на Давида вака: „Мојот татко Саул има намера да те убие. И така биди внимателен утре наутро, остани во скривалиштето и скриј се. А јас ќе излезам и ќе стојам покрај мојот татко во полето каде што ќе бидеш ти, и ќе зборувам за тебе со мојот татко. Кога ќе научам како е, ќе ти јавам.“ Јонатан му го пофали Давида на својот татко и му рече вака: „Царот нека не се огреши за својот слуга Давид, зашто тој ништо не згрешил за тебе; спротивно, тоа што го правеше беше од голема полза за тебе. Тој го стави својот живот на коцка, го уби Филистеецот, и Господ му прибави голема победа на сиот Израел: виде и се радуваше. И така зошто би згрешил за невина крв, убивајќи го Давида без причина?“ Саул ги сослуша Јонатановите зборови и се заколна: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!“ Тогаш Јонатан го повика Давида и му ги кажа тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давида кај Саула, и Давид пак ја доби службата што ја имаше порано. И пак избувна војна, Давид излезе на боиште за да се бори со Филистејците; и ги порази така што избегаа пред него. Тогаш лошиот Божји дух го обзеде Саула; кога седеше во својата куќа со копјето во раката, а Давид свиреше со лирата, Саул се обиде да го прикове Давида со своето копје за ѕидот. Давид побегна и се спаси.