1 Самоилова 14:1-6
1 Самоилова 14:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруженосец: „Дојди да минеме кон филистејската стража, од онаа страна.“ А на татко си тој не му кажа за тоа. Саул, пак, се наоѓаше крај Гива, под калинковото дрво, кое е во Мигрон. Со него беа околу шестотини мажи. И Ахија, синот на Ахитув, братот на Ихавод, син на Финес, син Илиов, свештеник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше дека Јонатан заминал. Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Боцец, а другата Сене. Едната карпа се издигаше на север кон Михмас, другата – на југ кон Гева. И му рече Јонатан на својот слуга оруженосец: „Дојди да преминеме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господ не е тешко да спаси било мнозина или малкумина.“
1 Самоилова 14:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот момок, оруженосец: „Ајде да поминеме до филистејската стража, која е онаму преку.“ Не му јави ништо за тоа на својот татко. Саул седеше на меѓата на Гаваја, под калинката што беше во Мигрон; а со него беа околу шест стотини луѓе. А Ахиј синот Ахитов, братот Ихаводов, синот Финесов, синот Илиев, на Господовиот свештеник во Сило, носеше наплеќник. Народот не забележа дека Јонатан си отиде. Во средината на клисурата каде што Јонатан сакаше да помине за да дојде до филистејската стража имаше стрмен камен од едната страна и стрмен камен од другата страна. Едниот се викаше Восес, а другиот Сене. Првиот стрмен камен стоеше на север, спроти Михмас, а другиот на југ, спроти Гаваја. Јонатан му рече на својот оруженосец: „Ајде да поминеме до стражата на оние необрезаници. Можеби Господ ќе направи нешто за нас, зашто ништо не Му пречи на Господа да додели победа, било да се многу луѓе или малку.“