1 Самоилова 10:1-16
1 Самоилова 10:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И зеде Самоил сад со масло, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: „Еве, Господ те помаза за владетел на Своето наследство. И, кога ќе тргнеш сега од мене, ќе сретнеш два човека близу до Рахилиниот гроб, во Венијаминовите предели, во Целцах, и тие со радост ќе ти кажат: ‚Се најдоа магариците што одеше да ги бараш, и ете, татко ти, заборавајќи ги магариците, се обеспокои за вас, велејќи: Што стана со синот мој?‘ Откако ќе отидеш понатаму и ќе дојдеш кај Таворскиот даб, и таму ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил: едниот носи три јариња, другиот носи три леба, а третиот носи мев со вино. И тие ќе те поздрават и ќе ти ги дадат двата леба, и ти ќе ги земеш од рацете нивни. Потоа ќе дојдеш на Божјиот рид, каде што е филистејската стража; и кога ќе влезеш таму во градот, ќе сретнеш група пророци, кои слегуваат од ридот, и пред нив псалтир и тимпани, свирки и харфи, и ќе пророкуваат; и Духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив и ќе станеш друг човек. Кога ќе ги препознаеш овие знаци, тогаш прави она што може раката твоја, зашто со тебе е Бог. Оди пред мене во Гилгал, каде што и јас ќе дојдам кај тебе за да принесам жртва сепаленица и жртви за благодарност. Седум дена чекај, додека да дојдам кај тебе, и тогаш ќе ти кажам што да правиш.“ И штом Саул се сврте за да си оди од Самоил, Бог му даде друго срце, и сите оние знаци се збиднаа во истиот ден. Кога дојде до ридот, ете, го пресретна групата пророци, и Духот Божји слезе врз него, и тој пророкуваше меѓу нив. Сите што го познаваа до вчера и завчера, откако видоа дека тој пророкува со пророците, си велеа еден на друг: „Што се случило со Кисовиот син? Зар и Саул е меѓу пророците?“ И еден од оние што беа таму, одговори и рече: „Па кој е нивниот татко?“ Затоа излезе изрека: „Зар и Саул е меѓу пророците?“ И тој престана да пророкува и отиде на ридот. А Сауловиот чичко го праша него и слугата негов: „Каде одевте?“ Тој одговори: „Па ги баравме магариците, но, откако видовме дека ги нема, навративме кај Самоил.“ И Сауловиот чичко рече: „Раскажи ми што ви рече Самоил.“ И Саул му кажа на чичко си: „Тој ни јави дека магариците се најдени.“ А она што Самоил му го кажа за царувањето, не му го кажа.
1 Самоилова 10:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Самоил зеде сад со масло па го излеа врз главата на Саула, потоа го пољуби и рече: „Со ова Господ те помаза за кнез над Својот народ Израел. Ти ќе владееш над Господовиот народ, и ќе го избавиш од рацете на неговите непријатели наоколу. И еве ти знак дека Господ те помаза за кнез над Своето наследство. Кога ќе заминеш сега од мене, ќе најдеш двајца луѓе кај Рахилиниот Гроб, на границата на Венијаминовата Земја, во Селса. Тие ќе ти речат: ‘Се најдоа ослиците, кои тргна да ги бараш; и ете, твојот татко ги заборави ослиците, и се загрижи за вас и вели: „Што да направам за својот син?“‘ Кога ќе заминеш оттаму натаму и ќе дојдеш до Таворскиот Даб, ќе сретнеш таму тројца луѓе кои ќе одат горе кон Бога во Ветил. Едниот ќе носи три јариња, другиот три леба, а третиот мев со вино. Тие ќе те поздрават, и ќе ти дадат два леба, а ти прими ги од нивните раце. Потоа ќе дојдеш во Божја Гаваја каде се наоѓаат филистејските граничари. Кога ќе влезеш во градот, ќе сретнеш дружина пророци, кои ќе слегуваат од високото место, а пред нив псалтири, тапанчиња кавалчиња и гуслиња; и тие ќе пророкуваат. Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе, и ќе пророкуваш со нив, и ќе се измениш во друг човек. А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе. Потоа ќе слезеш пред мене во Галгал, и јас ќе слезам при тебе, за да принесам паленици и помирителни жртви. Чекај седум денови додека не дојдам кај тебе и да те поучам што ќе правиш.“ Штом Саул ги сврте плеќите за да си отиде од Самоила, Бог му го промени срцето, и сите оние знаци се исполнија во оној ден. Имено кога дојдоа во Гаваја, ете, му дојде во пресрет дружина пророци, и Божјиот Дух слезе на него, и тој пророкуваше среде нив. И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?“ А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?“ Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!“ Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома. А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?“ А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.“ А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.“ А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.“ Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил.