Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 4:12-19

1 Петар 4:12-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги мои, нека не ве изненадува фактот што минувате низ огнени искушенија, небаре нешто неочекувано ви се случува! Радувајте се што преку страдањата се идентификувате со Христос. Затоа, пак, ќе се радувате и веселите кога ќе се открие Неговата слава. Ако ве навредуваат поради тоа што сте Христови следбеници, тоа треба да ве радува! Тоа е доказ дека величествениот Божји Дух е во вас. Срамота е ако некој од вас биде казнет за убиство, за кражба, за злосторство или за правење сплетки, но ако страдате поради тоа што сте христијани, немојте да се срамите. Напротив, бидете Му благодарни на Бог што го носите Христовото име! Бог веќе почна да суди и тоа најпрво меѓу Своите следбеници. Ако ние, христијаните сме судени, каков ли ќе им биде крајот на оние што и се противат на Божјата Радосна вест!? „Ако праведните одвај се спасуваат, што ли ќе биде со безбожните и грешните!?“ Заради тоа, оние што страдаат извршувајќи ја Божјата волја, нека Му ги доверат своите души на својот Творец, Кој никогаш не изневерува, и нека продолжат да прават добро.

1 Петар 4:12-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа за да ве испита, како нешто необично да ви се случува. Напротив. Ако учествувате во страдањата Христови, тогаш радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се зарадувате и развеселите. А ако ве укоруваат поради името Христово, блажени сте, зашто Духот на славата, Духот Божји почива на вас: тие, значи, на Него хулат, а вие – Го прославувате. Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник, ни­ту како оној што се меша во туѓи ра­бо­ти; но, ако страда како христијанин, да не се срамува, туку да Го прославува Бога за такво учество. Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од без­бож­ни­ци­те и грешниците!? И така, оние што страдаат според волјата на Бога, нека Му ги предадат Нему, како на верен Создател, душите свои, правејќи добро.

1 Петар 4:12-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Возљубени мои, не чудете се на огненото испитување, што се појави меѓу вас, за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично, туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и да се веселите при откровението на Неговата слава. Блажени сте ако ви префрлуваат за Христовото име, зашто тогаш Духот на славата и Божјиот Дух почива врз вас. Вистина, - според нив, Тој е похулен, но според вас, Тој е прославен. Имено, никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној, кој се меша во туѓи работи; но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го слави Бога со тоа име, зашто е време да почне судот од Божјиот дом; а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? И „ако праведникот одвај се спасува, каде ќе се покажат безбожникот и грешникот?“ Затоа и оние, кои страдаат по Божја волја, да Му ги предадат своите души на верниот Создател, правејќи добро.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност