Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 4:1-11

1 Петар 4:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Христос, додека беше овде на Земјата, страдаше, и вие треба да бидете подготвени да страдате. Кога човек ќе умре, престанува да греши. Ако „умревте“ со Христос, вие веќе нема да живеете водени од вашите телесни страсти, туку во текот на вашиот овоземен живот ќе ја исполнувате Божјата волја. Доволно време потрошивте учествувајќи во она во што уживаат паганите: во неморал, незауздана похота, опивање, гозби, пијанки и одвратно идолопоклонство. Вашите поранешни пријатели се чудат што вие не сте веќе со нив во тоа море од расипаност, па затоа зборуваат против вас. Но тие ќе полагаат сметка пред Бог, Кој веќе е подготвен да им суди и на живите и на мртвите. Токму заради ова, Радосната вест им беше проповедана и на оние што починаа. Иако телесно беа казнети со смрт, тие ќе живеат духовно, како што и Бог живее како Дух. Крајот е близу. Затоа бидете трезвени и ревносно молете се, а најмногу од се, сакајте се меѓу себе длабоко и искрено, зашто љубовта покрива многу гревови. Бидете гостољубиви еден спрема друг, без да негодувате. Секој, согласно со дарбите што ги има, нека им служи на другите. На тој начин ќе докажете дека добро управувате со дарбите што ги дава Бог, дарежливо и разновидно. Ако е некој добар говорник, нека ја проповеда Божјата порака. Ако некој има дарба да им помага на луѓето, нека го прави тоа со силата што му ја дава Бог. Се треба да се прави така што да Му се оддава слава на Бог, преку Исус Христос, на Кого Му припаѓаат славата и власта во вечни времиња. Амин.

1 Петар 4:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Бидејќи, пак, Христос пострада со телото за нас, тогаш вооружете се вие со истата мисла; зашто кој ќе пос­трада со телото, тој прекинал со гревот, та преостанатото време на животот во телото да не го проживее веќе со чо­вечки похоти, туку според волјата Бож­ја. Зашто доволно е што минатото вре­ме на животот го поминавте во вршење волјата на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препивање и во не­чес­тиво идолопоклонство. Затоа тие и се чудат што не се дру­жите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат на вас. Но тие ќе одговараат пред Оној Кој е готов да им суди на живите и на мрт­вите. Зашто и на мртвите им беше про­по­ведано Евангелието да примат суд како луѓе по телото, а да живеат со духот по Бога. Но близу е крајот на сѐ. Па бидете мудри и бодри во молитвите. А пред сѐ, имајте постојано љубов меѓу себе; зашто „љубовта покрива многу гревови.“ Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување. Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат. Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој слу­жи, нека служи според силата која Бог ја дава, та во сѐ да се прослави Бог пре­ку Исус Христос, чија слава и владеење се вечни. Амин.

1 Петар 4:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

И така, бидејќи Христос пострада во телото за нас, вооружете се и вие со истата мисла - зашто кој пострадал во тело прекинал од гревот, та останатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките страсти, туку според Божјата волја. Зашто доста е што во минатото време ја вршевте волјата на народите со тоа што живеевте во разврати, во страсти, во пијанства, во гозби, во опијанувања и во беззаконско идолопоклонство. Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и ве хулат; тие ќе Му дадат сметка на Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите. Имено, затоа им е проповедано Евангелието и на оние кои се сега мртви, за тогаш да беа судени по човечки во телото, а со духот сега да живеат според Бога. А крајот на сè е близу. И така, бидете разумни и бдејте во молитвите. Пред сè имајте постојана љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови. Бидете гостољубиви еден кон друг без негодување. Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат. Ако некој говори, нека зборува како Божји зборови; ако некој служи, нека служи како по силата, која Бог ја дава, за да се слави во сè Бог преку Исуса Христа, Кому Му припаѓаат славата и силата во сите векови. Амин.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност