1 Петар 2:21-25
1 Петар 2:21-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите. „Грев Тој не направи, лага не изусти.“ Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди. Кога страдаше, Тој не се закануваше, туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно. Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот, за да бидеме мртви за гревот, и да почнеме да живееме за праведноста. Тој доби рани за да бидете вие здрави. Талкавте како залутани овци. Но сега се вративте кај Пастирот, кај Оној што се грижи за вашите души.
1 Петар 2:21-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки: Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди. Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: „Преку Неговата рана се исцеливте.“ Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обративте кон Пастирот и Чуварот на вашите души.
1 Петар 2:21-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)
Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки. Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста. Тој, Кој беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној, Кој суди праведно. Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревовите, да живееме за правдата; преку Неговите рани се исцеливте. Зашто скитавте како овци, но сега се вративте при Пастирот и Чуварот на вашите души.