1 Царевите 9:1-28
1 Царевите 9:1-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Откако Соломон ја заврши градбата на Господовиот храм, на царскиот дом и сѐ што беше посакал да направи, Господ повторно му се јави на Соломон, како што му се беше јавил во Гаваон. И Господ му рече: „Јас ја чув твојата молитва и твојата молба, за која Ме молеше, го осветив тој храм што го изгради ти за да биде засекогаш името Мое таму довека, и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни. А ти, ако одиш пред Моето лице, како што одеше татко ти Давид, со чисто срце и со правина, исполнувајќи сѐ што сум ти заповедал, и ако ги пазиш Моите уредби и Моите закони, Јас ќе го поставам твојот царски трон над Израел засекогаш, како што му реков на татко ти Давид, велејќи: ‚Никогаш нема да недостасува од тебе маж, кој седи на престолот Израелов.‘ Ако вие и синовите ваши отстапите од Мене и не ги пазите Моите заповеди и Моите уредби што сум ви ги дал, и ако тргнете и почнете да служите на други богови и да им се поклонувате, Јас ќе го истребам Израел од лицето на земјата што сум му ја дал, и храмот што сум го посветил на Моето име, ќе го отфрлам од лицето Свое, и Израел ќе стане за приказ и за подбивање кај сите народи. И за тој висок храм, секој што ќе мине покрај него, ќе се вџаши, ќе потсвирне и ќе рече: ‚зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?‘ И ќе речат: ‚затоа што тие Го оставија Господ, својот Бог, Кој ги изведе татковците нивни од египетската земја, и се приврзаа кон други богови, им се поклонуваа и им служеа, – затоа Господ им го испрати ова зло!‘“ Откако изминаа дваесет години, во текот на кои Соломон изгради два дома, – домот Господов и царскиот дом, – за кои тирскиот цар Хирам му набавуваше на Соломон кедрово дрво и кипарисово дрво и злато според желбата негова, – цар Соломон му даде на Хирам дваесет градови во галилејската земја. И Хирам излезе од Тир да ги прегледа градовите што му ги даде Соломон, и тие не му се допаднаа. Затоа тој рече: „Какви се тие градови што ти, брате мој, ми ги даде?“ И ги нарече земја Кавул, како што се нарекуваат и денес. А Хирам му беше испратил на царот сто и дваесет кикари злато. Оттука и распределбата за данокот што го наложи Соломон за да го изгради храмот Господов и својот дом, Мило и ѕидовите ерусалимски, Асор и Мегидо и Гезер. Фараонот, египетскиот цар, беше дошол и го презел Гезер, и со оган го беше изгорел, а Хананците што живееја во градот, ги беше убил, и го беше дал како мираз на ќерка си, Соломоновата жена. И тогаш Соломон го изгради Гезер и Долни Веторон, Ваалат, Тадмор во пустината, и сите градови житници што ги имаше Соломон, и градовите за колите, градовите за коњицата и сѐ она што Соломон сакаше да изгради во Ерусалим, на Ливан и по целата земја на своето владение. Сите луѓе, останати од Аморејците, Хитијците, Перизијците, Хананците, Евејците, Јевусијците и Гергесејците, кои не беа од Израеловите синови, децата нивни, останати по нив во земјата, кои Израеловите синови не можеа да ги истребат, – Соломон ги направи поданички работници, какви што се и денес. А синовите Израелови Соломон ги правеше работници; тие беа негови војници, служители, великодостојници, војсководци и заповедници на неговите коли и на неговите коњаници. Главните, пак, распоредници над Соломоновите работи, односно управниците на народот што ја извршуваа работата, беа петстотини и педесет. Фараоновата ќерка премина од Давидовиот град во својот дом што го изгради Соломон за неа. Потоа тој го изгради Мило. Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и жртви за мир на жртвеникот што Му го беше изградил на Господ, и кадеше врз него пред Господ. Така заврши градбата на домот. Цар Соломон направи исто така и кораби во Ецјон-Гевер, кој е кај Елат, на брегот на Црвеното Море, во земјата Едом. И Хирам испрати на тие кораби свои поданици – корабари што го знаат морето, заедно со Соломоновите поданици; тие отидоа во Офир и зедоа оттаму четиристотини и дваесет кикари злато и му го донесоа на цар Соломон.
1 Царевите 9:1-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога Соломон го доврши градењето на Господовиот Дом, на царскиот дворец и на сѐ што науми да гради, Господ му се јави и по вторпат на Соломона, како што му се јави во Гаваон. Господ му рече: „Ги послушав молитвата и просењето што Ми ги упати. Го посветив овој Дом, што го градеше за да престојува во него Моето Име довека; Моите очи и срцето ќе бидат тука секогаш. А ти, ако одиш пред Мене како што одеше твојот татко Давид, во невиноста на срцето и во праведност, ако постапуваш во сѐ како што ти заповедав, и ако ги пазиш Моите закони и Моите наредби, Јас ќе го зацврстам засекогаш твојот царски престол над Израел, како што му ветив на твојот татко Давид кога му реков: ‘Никогаш нема да ти снема наследник на Израелевиот престол.’ Но ако Ме оставите, вие и вашите синови, ако не ги пазите Моите заповеди и закони што ви ги дадов, ако се свртите кон боговите, и ако им служите и им се клањате, тогаш ќе го истребам Израел од земјата што му ја дадов; овој Дом, што му го посветив на Моето Име, ќе го отфрлам од Себе, и Израел ќе биде за презир и за потсмев на сите народи. Овој Дом е возвишен, ама сите кои што ќе поминуваат покрај него ќе бидат вчудоневидени; ќе свират со уста и ќе зборуваат: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ А ќе им се рече: ‘Зашто Го оставија Господа, својот Бог, Кој ги изведе нивните татковци од Египет, а им се приклонија на други богови, ги честеа и им служеа, затоа Господ ги пушти сите овие зла врз нив.’“ После дваесет години, во кои Соломон ги изгради двете згради, Господовиот Дом и царскиот дворец, а Хирам, царот на Тир, му набавуваше кедрово и чемпресово дрво, и злато колку што сакаше, тогаш царот Соломон му даде на Хирама дваесет градови во Галилејската Земја. Хирам излезе од Тир за да ги види градовите што му ги подари Соломон, ама не му се допаднаа. И рече: „Какви се тие градови што си ми ги дал, брате?“ И оттогаш ги викаат „Земја Кабул“ до денешниот ден. А Хирам му беше испратил на царот сто и дваесет златни таланти. Вака беше со принудната работа што Соломон ја создаде за да ги изгради Господовиот Дом, својот дворец, Милон и ѕидовите на Ерусалим, Хасор, Мегидон и Гезер. Фараонот, египетскиот цар, тргна во воен поход, го освои Гезер, ги изгоре и ги погуби Хананците кои што живееја таму, потоа ѝ го даде градот како свадбен подарок на својата ќерка, Соломоновата жена, а Соломон ги обнови Гезер, Долниот Вет Орон, Валат, Тадмор во пустината во земјата, сите градови - складови што ги имаше Соломон, градовите за бојни коли, и градовите за коњицата, и сѐ што Соломон сакаше да изгради во Ерусалим, на Ливан и во сите земји што му беа подвластени. На сите други: на Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците, кои не беа Израелци, на синовите нивни што останаа по нив во земјата и кои Израелците не ги сотреа, Соломон им наметна тежок данок до денешниот ден. Соломон не ги претворуваше Израелевите синови во робови, туку тие му беа воини, дворјанци, војсководачи, триесетници, заповедници на неговите бојни коли и на коњицата. А еве ги надзорниците кои што управуваа со Соломоновите работи: нив пет стотини и педесет, кои му заповедаа на народот вработен во работите. Штом фараоновата ќерка влезе од Давидовиот Град во куќата што Соломон ѝ ја беше изградил, тогаш тој го изгради Мило. Соломон трипати годишно принесуваше паленици и помирителни жртви на жртвеникот што Му го подигна на Господа, кадеше пред Господа. Така го доврши Храмот. Царот Соломон изгради бродови во Есион Гавер, што е покрај Елот, на брегот на Црвеното Море, во Едомската Земја. Хирам испрати на тие бродови свои слуги, морнари кои го познаваа морето, со Соломоновите слуги. Тие отпловија во Офир, зедоа оттаму четири стотини и дваесет таланти злато и му ги донесоа на царот Соломон.