1 Царевите 4:1-34
1 Царевите 4:1-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Царот Соломон беше цар над сиот Израел, а еве ги неговите првенци: Азариј, синот Садоков, свештеник; Елиореф и Ахиј, синовите Сисини, летописци; Јосафат, синот Ахилудов, советник; Венаја, синот Јодаев, војсководач; Садок и Авијатар, свештеници; Азариј, синот Натанов, беше над намесниците; Завуд, синот Натанов, царев пријател; Ахисар, управител на дворецот; Елијав, синот Јоевов, заповедник на војската; Адонирам, синот Авдин, настојник над трудбениците. Соломон имаше по сиот Израел дванаесет намесници, кои што ги снабдуваа царот и неговиот дом; секому му доаѓаше ред по еден месец во годината да го подмирува тоа издржување. Еве ги нивните имиња: синот Уров во Ефремовата Гора; синот Декеров во Макаса, во Салвим, во Вет Семес, во Елон до Вет Ханан; синот Еседов, во Арувот; под него беше Сохо и сиот Еферски крај; синот Авинадавов, над сето Дорско Окружје; жена му беше Тафе, Соломонова ќерка, Вана, синот Ахилудов, во Тенахом и во Мегидон, и во сиот Вет Сан, што е покрај Сартана подолу од Езраел, од Вет Сана до Авел Меол, и до преку Јокмеам. синот Геверов во Галадскиот Рамот; негови беа селата на Јаир, синот Манасиев, што се во Галад; го имаше и подрачјето Аргов што лежи во Васан, шеесет тврди градови, опашани со ѕидови и со бронзени лостови; Ахинадав, синот Идов, во Маханаим; Ахимас во Нефталим; и тој се ожени со една Соломонова ќерка - со Васемата. Ванес, синот Хусаев, во Асир и на висорамнините; Јосафат, синот Фаруин, во Исахар; Симеј, синот Илин, во Венијамин; Гевер, синот Уриев во земјата Галад, земјата на Сион, аморејскиот цар, и на Ог, васанскиот цар. Освен тоа беше уште еден намесник во земјата. Јуда и Израел беа многубројни, беа како песок на морскиот брег. Јадеа и пиеја и беа среќни. Соломон ја прошири својата власт над сите царства од Реката сѐ до Филистејската Земја и до египетската меѓа. Тие го донесуваа својот данок и му служеа на Соломона во сите денови на неговиот живот. Секој ден му требаше на Соломона за храна: триесет кори чисто брашно и шеесет кори обично брашно, десет згоени волови, дваесет волови од пасиште, стотина овци, освен елени, срни, диви кози и згоена живина. Зашто тој владееше над сѐ одваму Реката - од Тафсе до Газа, над сите цареви отаде Реката (Еуфрат) и имаше мир на сите граници наоколу. Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век. Соломон имаше четириесет илјади коњи за влечење и дванаесет илјади за јавање. Тие намесници се грижеа за снабдување на царот Соломон и на сите што имаа дел на царскиот стол, секој по месец дена; и не дозволуваше ништо да подснема. И јачмен и слама за коњите и за влечниот добиток донесуваа на местото каде што се задржуваше, секој како што ќе му паднеше. Господ му даде на Соломона мудрост и исклучителна разумност, и срце широко како песок на морскиот брег. Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите Израелеви синови и од сета мудрост на Египет. Беше помудар од сите луѓе, од Етан Езраит, од Еман, од Халкол и од Дарда, синовите Меолови; името му се расчу меѓу сите народи наоколу. Изрече три илјади мудри изреки, а неговите песни беа илјада и пет. Зборуваше за дрвата: од кедерот што е на Ливан па до ленот што ‘ртее на ѕид; расправаше за животните, за птиците, за лазачите и за рибите. Доаѓаа од сите народи за да ја чујат Соломоновата мудрост, од сите земски цареви, кои што го чуја гласот за неговата мудрост.