Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 16:1-34

1 Царевите 16:1-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И дојде слово Господово кон Јуј, син на Ананија, за Баша во кое се вели: „Поради тоа што те издигнав од правот и те направив водач на Мојот народ Израел, а ти тргна по патот на Јеровоам и го наведе на грев Мојот народ Израел за да Ме разгневува со гревовите свои, – ете, Јас ќе го отфрлам домот на Баша и домот на потомството негово и ќе направам со твојот дом така, како и со домот на Наватовиот син Јеровоам: кој од Башовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птици небески ќе го исколваат.“ Другите дела на Баша, и сѐ што извршил, и подвизите негови, опишани се во летописите на израелските цареви. Баша почина кај татковците свои и беше погребан во Тирца. А место него стана цар неговиот син Ила. Но преку Ананиевиот син Јуј беше веќе кажано словото Господово за Баша, за домот негов и за сето зло што го беше извршил пред очите на Господ, разгневувајќи Го со делата на рацете свои, постапувајќи како Јеровоамовиот дом, за што беше истребен. Башовиот син Ила стана цар над Израел во Тирца во дваесет и шестата година од царувањето на јудејскиот цар Аса и царуваше две години. Против него стана Замвриј, него­виот слуга и старешина на половината негови бојни коли, кога се беше напил во Тирца, во домот на Арца, надзорник на дворецот во овој град. Замвриј влезе, го удри и го уби Ила во дваесет и седмата година на јудеј­скиот цар Аса, и стана цар место него. Кога стана цар и седна на престо­лот негов, тој го истреби целиот дом на Баша, не оставајќи му од семејството ниту едно машко, ни роднините негови, ни пријателите негови. Замвриј го истреби целиот Башов дом, според словото на Господ што го беше изрекол Тој за Баша преку пророкот Јуј, за сите гревови на Баша и за гре­вовите на неговиот син Ила што го вр­шеа тие самите и со кои го наведоа во грев Израел, дразнејќи Го Господ, Бог Израелов, со своите идоли. Другите дела на Ила, и сѐ што беше извршил, се опишани во летописите на израелските цареви. Замвриј стана цар во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и царуваше седум дена во Тирца, кога народот го опседнуваше Гибетон фи­лис­тејски. Кога народот што го опседнуваше, дозна дека Замвриј направил заговор и го убил царот, истиот ден во логорот сите Израелци го поставија за цар над Израел воениот началник Амвриј. Амвриј и сите Израелци со него отстапија од Гибетон и ја опседнаа Тир­ца. Кога Замвриј виде дека градот е преземен, влезе во царскиот дом, го потпали над себе царскиот дом и загина, поради своите гревови, со кои беше згрешил, вршејќи го она што беше лошо пред очите на Господ, одејќи по патот на Јеровоам и во гревовите не­гови што тој ги изврши за да го наведе во грев Израел. Другите дела на Замвриј и заго­ворот негов што беше го направил, се опишани во летописите на израелските цареви. Тогаш израелскиот народ се раз­дели на два дела: едната половина од народот беше со Гинатовиот син Тивниј за да го направи цар него, а другата страна – со Амвриј. Надвладеа народот што беше со Амвриј, над народот, кој беше со Гина­товиот син Тивниј; Тивниј загина, а цар стана Амвриј. Амвриј стана цар над Израел во триесет и првата година од владеењето на јудејскиот цар Аса над Јудеја и царуваше дванаесет години. Тој царуваше во Тирца шест години. Амвриј го купи од Шемер ридот Самарија, за два кикара сребро, изгради на ридот град и го нарече Самарија – според името на Шемер, сопственикот на тој рид. И Амвриј правеше зло пред очите на Господ, и постапуваше полошо од сите свои претходници. Тој во сѐ одеше по патот на Нава­товиот син Јеровоам и во гревовите негови, со кои тој ги наведе на грев Израелците за да Го разгневат Господ, Бог Израелов, со своите идоли. Другите дела на Амвриј што ги направил, и јунаштвото што го пока­жал, се опишани во летописите на изра­елските цареви. Амвриј почина кај татковците свои и беше погребан во Самарија, а место него стана цар синот негов Ахав. Амвриевиот син Ахав стана цар над Израел во триесет и осмата година од владеењето на царот Аса над Јудеја, и Амвриевиот син Ахав царуваше во Са­марија над Израел дваесет и две години. И Амвриевиот син Ахав правеше зло пред очите на Господ повеќе од сите свои претходници. Не беше доволно тоа што тој западна во гревовите на Наватовиот син Јеровоам, туку си ја зеде за жена Језа­вела, ќерката на сидонскиот цар Ет­баал, и почна да му служи на Ваал и да му се поклонува; и му подигна на Ваал жртвеник во Вааловото светилиште што го беше изградил во Самарија. Ахав подигна и Ашера, а направи и други злодела, со кои Го разгневи Гос­под, Бог Израелов, повеќе од сите претходни израелски цареви. Во негово време Хиел од Ветил го изгради Ерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите него­ви и врз најмалиот син Сегув ги постави портите негови, според словото на Господ што Тој го беше изрекол преку Навиновиот син Исус.

1 Царевите 16:1-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш му беше испратено Господовото слово на Јуј, синот Ананиев, против Васа: “Те подигнав од правот и те поставив кнез над Мојот народ Израел, ама ти тргна по Јеровоамовиот пат и го наведуваш на грев Мојот народ Израел, та Ме разјаруваш со нивните гревови; затоа ќе ги изметам без трага Васа и неговата куќа: ќе направам со твојата куќа како и со куќата на Јеровоам, синот Наватов. Кој од Васината куќа ќе умре во градот, ќе го изедат кучиња, а кој ќе им умре во полето, ќе го изедат небеските птици.“ Другите дела на Васа, сѐ што направил, неговите подвизи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? Васа почина со своите татковци, и беше погребан во Терса. Неговиот син Ила се зацари место него. Ама Господовото слово преку пророкот Јуј, синот Ананиев, не беше насочено против Васа и против неговата куќа само заради тоа што правеше зло во Господовите очи и што Го лутеше со делата на своите раце та беше како и Јеровоамовата куќа, туку и заради тоа што ја истреби и неа. Во дваесет и шестата година на Асиното царување во Јудеја, Ила, синот Васин, стана цар на Израел во Терса; владееше вкупно две години. Неговиот дворјанец Зимриј, заповедник на половината бојни коли, се побуни против него. Кога беше во Терса, се испијани во куќата на Арсо, управителот на дворецот во Терса. Тогаш Зимриј влезе, удри на него и го уби, во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, и се зацари место него. Штом почна да владее и штом седна на престолот, ја погуби сета Васина куќа; не му го поштеди ни она што мокри покрај ѕидот, ни неговите роднини ни пријатели. Така Зимриј ја откорна сета Васина куќа според словото што Господ го кажа преку својот слуга пророкот Јуј, заради сите гревови што ги правеа Васа и неговиот син Ила и така го заведуваа Израел, срдејќи Го Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови. Другата Илина повест, сѐ што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? Во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, Зимриј стана цар во Терса, и владееше седум дена. Тогаш народот го опсадуваше Гиветон, што им припаѓаше на Филистејците. Кога народот во логорот чу дека Зимриј се побунил и дека го убил царот, сиот Израел во истиот ден во логорот го прогласи за цар над сиот Израел заповедникот на војската Амриј. Потоа Амриј и сиот Израел со него отидоа од Гиветон и ја опсадија Терса. Кога Зимриј виде дека градот ќе биде преземен влезе во тврдината на царскиот дворец, го запали над себе царскиот дворец, и така загина. Тоа беше заради гревовите што ги беше направил, работејќи што е зло во Господовите очи и одејќи по патот на Јеровоам и на неговите гревови со кои го заведуваше Израел. Другата Зимриева повест и неговата завера што ја скова, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? Тогаш Израелевиот народ се раздели: половината се одлучи за Тивниј, синот Гинатов, за да го направи цар, а втората половина за Амриј. Ама Амриевите приврзаници беа посилни од приврзаниците на Тивниј, синот Гинатов, па кога Тивниј умре, Амриј стана цар. Во триесет и првата година на Асиното царување со Јудеја, Амриј стана цар на Израел, за дванаесет години. Царуваше шест години во Терса. Тогаш го купи од Семер за два таланти сребро ридот Самарија; изгради град кого го нарече Самарија по името на Семер, сопственикот на ридот. Ама Амриј правеше зло во Господовите очи, и беше полош од своите претходници. Во сѐ ги следеше Јеровоама, синот Наватов, и неговите гревови, со кои го заведуваше Израел, и го срдеше Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови. Другата Амриева повест, сѐ што направил, неговите потфати што ги изведе, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? Амриј почина со своите татковци, и го погребаа во Самарија. Неговиот син Ахав стана цар место него. Ахав, синот Амриев, стана израелски цар во триесет и осмата година на Асиното царување со Јудеја, и владееше дваесет и две години над Израел во Самарија. Ахав, синот Амриев, правел во Господовите очи повеќе лошо од сите свои претходници. И му беше малку што одеше во гревовите на Јеровоам, синот Наватов, туку уште се ожени со Језавела, ќерката на Етвала, сидонскиот цар, и почна да му служи на Ваала и да му се клања; подигна жртвеник во Вааловиот храм што го беше изградил во Самарија. Ахав подигна и Ашера и направи и други злодела, и Го налути Господа, Израелевиот Бог, повеќе од сите израелски цареви што беа пред него. Во негово време Хил од Ветил го изгради Ерихон; врз својот првороденец Авирон ги подигна основите, а врз помладиот свој љубимец Сегув ги постави градските врати, според словото на Господа што го кажа преку Својот слуга Исус, синот Навинов.