Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Летописи 13:1-14

1 Летописи 13:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Давид се советуваше со илјадниците, стотниците и со секој водач, и му кажа на целото собрание из­раелско: „Ако ви е угодно, и ако благоволи Господ, Бог наш, да испратиме до другите наши браќа насекаде по целата израелска земја, а исто така и до свеш­тениците и левитите во градовите и се­лата нивни, за да се соберат кај нас, и да го пренесеме ковчегот на на­шиот Бог кај нас, зашто во времето на Саул не се обраќавме кон него.“ И целото собрание рече: „Така нека биде!“ зашто тоа му се виде праведно на целиот народ. Така Давид ги собра сите Израел­ци, од Шихор египетски до влезот во Хамат, за да го пренесат ковчегот Божји од Кирјат-Јарим. И отиде Давид и сиот Израел во Кирјат-Јарим, што е во Јудеја, за да го пренесат оттаму ковчегот на Бог, Го­с­под, Кој седи на херувими, врз кого се повикува Неговото име. И го повезоа ковчегот на нова кола од домот Авинадавов, а Оза и Ахјо ја водеа колата. Давид, пак, и сите Израелци играа со сета сила пред Бога, во придружба на гусли, псалтири, тимпани и труби. Кога стигнаа до Кидоновото гумно, Оза посегна со раката да го придржи ковчегот, бидејќи воловите го беа на­страниле. Но Господ се разгневи на Оза и го погуби поради тоа што посегна со рака кон ковчегот, и тој умре на самото место пред Божјото лице. Давид се нажали затоа што Господ го погуби Оза. И го нарече тоа место Фарес-Оза така се нарекува и до ден денешен. И во тој ден Давид се уплаши од Бога и рече: „Како ќе го внесам кај себе ковчегот Божји?“ И не го донесе Давид ковчегот кај себе во Давидовиот град, туку го засолни во куќата на Гетчанецот Аведар. И остана ковчегот Божји кај Аве­дар, во куќата негова, три месеци, и Господ го благослови домот на Аведар и сѐ што имаше.

1 Летописи 13:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Давид се советуваше со илјадниците, стотниците и со сите водачи. И тој му рече на целиот Израелев собор: „Ако ви е право та ако нашиот Бог Господ одлучил така, ќе испратиме гласници на сите други браќа во Израелевата земја, а исто така и на свештениците со нив и на левитите по градовите на нивните пасишта, за да се обединат со нас. Ќе го пренесеме кај себе Ковчегот на својот Бог, зашто навистина не го баравме во Сауловите денови.“ Сиот собор одлучи да се направи така, зашто тоа беше право во очите на сиот народ. Така Давид го собра сиот Израелев народ од Египетскиот Сихор па до влезот во Емат, за да го донесат Божјиот Ковчег од Киријат-Јарим. Давид со сиот Израел тргна во Вал, во Киријат-Јарим, што е во Јуда, за да го пренесат оттаму Божјиот Ковчег наречен со името на Господа, кој престолува над херувимите. Го изнесоа Божјиот Ковчег на нова кола од Авинадавовата куќа; а Уза и Ахиј управуваа со колата. Давид и сиот Израел играа пред Господа со сета сила пеејќи наспоредно со звуци на гуслиња, псалтири, тапанчиња, на кимвали и на труби. Кога дојдоа до Хидоновото Гумно, Уза посегна со раката за да го придржи Ковчегот, зашто воловите не го превртија за малку. Но Господ се разгневи на Уза и го удри, зашто ја испружи раката кон Ковчегот. Таму умре пред Бога. На Давида му беше жал дека Господ го удри така Уза, и тој го нарече тоа место Ферес-Уза, како што се вика и ден-денес. Во тој ден Давид се исплаши од Господа и рече: „Како ќе го донесам кај себе Божјиот Ковчег?“ Не го премести Ковчегот кај себе во Давидовиот Град, туку го засолна во куќата на Гетеецот Овид-Едом. И Божјиот Ковчег остана кај Овид-Едомовото семејство, во неговиот дом, три месеци. Затоа Господ ги благослови Овид-Едомовата куќа и сѐ што имаше.