Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 2

2
1До гласникот на црквата во Ефес, напиши го следново: Ова ви го порачува Оној што ги држи седумте ѕвезди во Својата десна рака и што оди меѓу седумте златни свеќници:
2Познати Ми се вашите дела, труд и трпение. Знам дека не поднесувате зли луѓе. Кога некои луѓе се прикажувале за апостоли, а не биле, вие сте ги провериле и сте утврдиле дека тие се лажливци.
3Непоколебливи и неуморни сте, иако имате претрпено многу заради Мене.
4Но имам нешто против вас: Вие веќе немате таква љубов спрема Мене, каква што имавте на почетокот!
5Присетете се кај бевте, а кај паднавте сега! Покајте се и постапувајте како на почетокот! Инаку, ако не се покаете, ќе дојдам кај вас и ќе ви го земам свеќникот!
6Сепак, ова ви е добро: го мразите она што го прават николаитите, како што и Јас го мразам.
7Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! На оние што ќе извојуваат победа, ќе им дадам да јадат од животодавното дрво што се наоѓа во Божјата градина.
8До гласникот на црквата во Смирна, напиши го следново: Ова ви го порачува Првиот и Последниот - Оној што умре и оживе:
9Знам за вашите страдања и сиромаштија, но вие сте богати! Знам и за навредите што ви ги нанесуваат луѓе кои себеси се сметаат за Божји народ, а не се! Тие се сатанско собрание!
10Не плашете се од страдањата што ве очекуваат. Наскоро, Ѓаволот некои од вас ќе искуша, фрлајќи ги в затвор. Ќе страдате „десетина дена“. Останете Ми верни дури и ако ве осудат на смрт и Јас ќе ве наградам со венецот на животот!
11Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!
12„До гласникот на црквата во Пергам напиши го следново: Ова ви го порачува Оној што држи двострано остар меч:
13Знам дека живеете во престолнината на Сатаната! Знам и дека цврсто се држите до верата во Моето име. Таму, во жилиштето на Сатаната, вие не се откажавте од верата во Мене ни тогаш кога од вас го зедоа Мојот верен слуга Антипа и го убија.
14Но имам неколку забелешки против вас: меѓу вас има следбеници на учењето на Балаам. Тој беше оној што го подучи Балак да ги заведе Израелците да јадат месо жртвувано на идоли и да блудничат.
15Некои од вас, пак, се следбеници на николаитите.
16Покајте се! Ако не, ќе дојдам кај вас и ќе војувам против тие луѓе со зборови што ќе сечат како меч!
17Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите: „На секој што ќе излезе како победник, ќе му дадам од скриената манна. Ќе му дадам и бел камен на кој ќе биде впишано едно ново име, што не го знае никој друг, освен тој што ќе го добие.“
18„До гласникот на црквата во Тијатир, напиши го следново: Божјиот Син, чии очи се како огнен пламен, а нозе како блескава бронза, ви го порачува следново:
19Вашите дела ми се познати. Ги знам љубовта, верноста, службата и трпението ваше. Знам дека напредувате и во последно време имате повеќе достигнувања отколку порано.
20Сепак, имам една забелешка против вас: вие и дозволувате на Изевела, која самата себеси се нарекува пророчица, да ги заведува Моите следбеници учејќи ги да блудствуваат и да јадат месо жртвувано на идоли.
21Ђ дадов време да се покае, но таа не сака да престане со своето блудство.
22Внимавајте! Ќе ја казнам со тешка болест што ќе ја врзе за кревет, а нејзините блуднички партнери ќе ги притеснам со големи неволи, доколку не се покаат.
23Нејзините следбеници ќе ги погубам, за да знаат сите цркви дека Јас Сум Тој што ги суди и мислите и срцата. Со секого од вас ќе постапам онака како што заслужува.
24А вам останатите во Тијатир, кои не го прифаќате ова погрешно учење и не сте се вклучиле во таканаречените „длабоки тајни“, кои всушност се од Сатаната, ви порачувам дека нема да ви наметнувам дополнителни тешкотии.
25Само додека се вратам држете се цврсто за учењето што го имате.
26На оние што ќе излезат како победници - оние што докрај ќе Ми бидат послушни, ќе им дадам власт над народите кои одбиваат да Го почитуваат Бога;
27тие ќе владеат над нив со железна палка и ќе ги кршат како глинени садови,
28со иста таква власт каква што примив Јас од Мојот небесен Татко. Ќе им ја дадам и ѕвездата Деница.
29Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

Селектирано:

Откровение 2: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност