Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 8

8
Посветување на свештеници
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Земи ги: Арона, а со него и неговите синови; облеките и маслото за помазание, јунецот на жртвата за грев, двата овна и кошницата со бесквасни лебови, 3па собери ја целата заедница при влезот од Шаторот на средбата.“ 4Мојсеј направи како што му нареди Господ, и општеството се собра при влезот од Шаторот на средбата. 5Тогаш Мојсеј ѝ проговори на заедницата: „Господ нареди да се направи ова.“ 6Потоа Мојсеј ги изведе Арона и неговите синови и ги изми со вода. 7Го облече во облека, го препаша со појас, го наметна со наметка и му стави ефод (наплеќник). Потоа го опаша со ткаенината на наплеќникот и со неа го пристегна наплеќникот до него. 8Му стави врзградник, а во врзградникот ги вметна Уримот и Тумимот. 9На главата му сложи митра (капа), а однапред на капата закачи златна плочичка - свет венец - како што Господ му нареди на Мојсеја.
10Потоа Мојсеј го зеде маслото за помазание и ги помаза Шаторот на средбата и сѐ што е во него, за да ги освети. 11Седумпати го попрска со него жртвеникот па ги помаза жртвеникот и сиот негов прибор, мијалникот со неговото подножје, за да ги освети. 12Излеа миро врз Ароновата глава и го помаза, за да го посвети. 13Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови; ги облече во хитони (облеки), ги препаша со појаси и им сложи капи, како што Господ му нареди на Мојсеја.
Жртва за грев
14Потоа доведе јунец за жртва за грев. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на јунецот на жртвата за грев. 15И Мојсеј го закла, па ја зеде крвта и со својот прст ја стави на роговите околу жртвеникот. Така го очисти жртвеникот. Другата крв ја излеа во подножјето на жртвеникот; го освети, за да го направи чист. 16Потоа Мојсеј ги зеде: сиот лој што беше околу внатрешноста, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и нивниот лој, и ги изгоре на жртвеникот. 17А кожата од јунецот, неговото месо и неговата нечистота ги изгоре во оган надвор од логорот, како што Господ му нареди на Мојсеја.
Паленица
18Тогаш доведе овен за жртва паленица. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот. 19А Мојсеј го закла и го попрска со крвта жртвеникот од сите страни. 20Откако го исече овенот на делови, Мојсеј ги изгоре главата, деловите и лојот. 21Во вода ги изми внатрешноста и нозете па го изгоре целиот овен на жртвеникот. Тоа е паленица за пријатен мирис - жртва палена на Господа - како што Господ му заповеда на Мојсеја.
Овен за посветување
22Потоа доведе друг овен, овен за жртва за посветување. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот. 23Мојсеј го закла, ја зеде неговата крв и ја стави на крајот на Ароновото десно уво, на палецот на неговата десна рака и на големиот прст на неговата десна нога. 24Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови, па им стави од истата крв на крајот на нивното десно уво, на палецот на десната рака и на големиот прст на десната нога. 25Па ги зеде: лојот, опашката, лојот што беше околу внатрешноста, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и нивниот лој - и десната плешка; 26а од кошницата со пресни бесквасни лебови, што стоеше пред Господа, зеде една бесквасна погача, една кора со масло и еден колак и ги постави врз лојот и десната плешка. 27Сето тоа го положи во Ароновите раце и во рацете на неговите синови, па го принесе тоа како вртен принос пред Господа. 28И Мојсеј пак го зеде тоа од нивните раце и го изгоре на жртвеникот со паленицата; тоа беше жртва за посветување, за пријатен мирис, палена жртва на Господа. 29Најпосле Мојсеј ги зеде градите и ги принесе како движен принос пред Господа: тоа беше Мојсеев дел од овенот за посветување, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
30Потоа Мојсеј зеде масло за помазание и од крвта што беше на жртвеникот, па ги попрска Арона и неговите облеки, а така и неговите синови и нивните облеки. Така ги посвети Арона и неговите облеки; неговите синови и нивните облеки.
31Тогаш Мојсеј им рече на Арона и на неговите синови: „Сварете го месото при влезот на Шаторот на средбата и јадете го таму со лебот што е во кошницата за жртвата за посветување, како што наредив: нека го јадат Арон и неговите синови! 32А што ќе остане од месото и од лебот, изгорете го во оган. 33Седум дни не одете си од влезот на Шаторот на средбата до денот кога ќе се исполни времето за вашето посветување. Зашто се потребни седум денови за вашето посветување. 34Како што се правеше денес, Господ нареди да се работи така и натаму за ваше покривање на гревот. 35Затоа останете при влезот на Шаторот на средбата седум дни, дење и ноќе вршејќи што наредил Господ, за да не изумрете. Јас добив таква заповед.“ 36Арон и неговите синови направија сѐ што нареди Господ преку Мојсеја.

Селектирано:

ЛЕВИТ 8: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се