Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСУС НАВИН 10

10
Ж. Покорување на Јужен Ханаан
1. Победа над Аморејци
а. Сојуз на пет цара
1А кога ерусалимскиот цар Адони-Седек чу дека Исус го зазеде Гај и дека го предаде на проклето уништување, како што направи со Ерихон и со неговиот цар, и дека жителите на Гаваон склучиле мир со Израел и се вклучиле меѓу нив, 2многу се исплаши, зашто Гаваон беше значаен како некаков царски град, поголем од Гај, а сите негови жители беа храбри борци. 3Затоа ерусалимскиот цар Адони-Седек им порача на Оам, хевронски цар, на Пирам, јармутски цар, на Јафиј, лахиски цар и на Давир, еглонски цар: 4“Дојдете при мене и помогнете ми да удриме на Гаваон, зашто склучил мир со Исуса и со Израелците!“ 5Тогаш се здружија петте аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар; тие тргнаа и сета нивна војска, го опсадија градот Гаваон и почнаа да го напаѓаат.
б. Борба. Големи камења паѓаат од небесата
6Тогаш Гаваонците му порачаа на Исуса во логорот во Галгал: „Не напуштај ги своите слуги, туку побрзај кон нас, зашто против нас се здружија сите аморејски цареви, кои живеат во Горјето.“ 7И Исус тргна од Галгал, а со него и сите војници, сите храбри јунаци. 8А Господ му рече на Исуса: „Не бој се! Јас ги предадов во твои раце, и ниеден од нив не ќе устои пред тебе.“ 9И Исус удри на нив одненадеж, откако цела ноќ идеше од Галгал. 10И Господ ги смути пред Израелците, кои ги поразија тешко кај Гаваон и ги спотераа кон стрмината по која се влегува во Веторон. Ги толчеа сѐ до Азика и до Макида. 11А додека бегаа пред Израел по Веторонската Стрмина, Господ фрлаше од небото на нив град од камења сѐ до Азика, па гинеа. И загинаа повеќе од градот од камења, отколку што ги погубија Израелевите синови со своите мечеви.
в. Сонцето и месечината застануваат по Навинова молитва
12Во оној ден кога Господ им ги предаде Аморејците на Израелевите синови, Исус му се обрати на Господа и извика пред Израелците: „Сонце, застани над Гаваон, и месечино, над долината Еалон!“ 13И сонцето застана, и месечината се запре сѐ додека народот не им се одмазди на своите непријатели. Не пишува ли за тоа во книжниот свиток на Праведникот? И сонцето застана среде небо и не се навали кон запад речиси цел ден. 14Немаше таков ден ни порано ни после, така што Господ му се одѕва на човечкиот глас. Така Господ војуваше за Израел.
15Потоа Исус се врати, и сиот Израел со него, во галгалскиот логор.
г. Погубување на петте цареви
16А оние пет цареви избегаа и се сокрија во пештерата кај Макид. 17Му јавија на Исуса: „Откриени се петте цареви скриени во пештерата кај Макид.“ 18А Исус рече: „Навалете големи камења на отворот на пештерата и поставете луѓе пред неа за да ја чуваат. 19А вие другите не задржувајте се, туку терајте ги своите непријатели и удирајте ги од зад грб; не оставајте ги да влезат во своите градови, зашто Господ, вашиот Бог, ги предаде во ваши раце.“ 20А кога Исус и Израелевите синови ја привршија битката со тежок колеж - им избегаа само неколку преживеани во цврсти градови - 21народот се врати здрав и цел кон Исуса во логорот во Макид. И никој веќе ни да писне против Израелевите синови.
22Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и извадете ми ги оттаму оние пет цареви.“ 23Така и направија: ги изведоа кај него од пештерата петте цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар. 24А кога ги изведоа, Исус ги повика сите Израелци и им рече на војсководачите, кои го придружуваа: „Приближете се и застанете со своите нозе на вратовите на овие цареви.“ Тие се приближија и им застанаа со своите нозе на вратовите. 25Исус рече: „Не бојте се и не плашете се! Бидете храбри и смели, зашто Господ ќе им направи така на сите ваши непријатели, со кои ќе се борите.“ 26Потоа Исус нареди да ги погубат и да ги обесат на пет дрва, и висеа таму до вечерта. 27А при зајдисонце Исус заповеда да ги симнат од дрвата и да ги фрлат во онаа иста пештера во која се беа засолнале, та на отворот навалија големи камења, што стојат и денес таму.
2. Конечно покорување на Јужен Ханаан
28Во истиот ден Исус го зазеде Макид: удри на градот со острилото на мечот и го погуби неговиот цар, и сѐ живо во градот му го предаде на клетото уништување, не оставајќи никого да избега. И направи со макидскиот цар како што направи со ерихонскиот цар.
29Потоа отиде Исус и сиот Израел од Макид во Ливна и удри на неа. 30Господ и неа и нејзиниот цар ги предаде во рацете на Израел, кој со острилото на мечот истреби сѐ живо во неа; не поштеди никого, а со царот на Ливна направи како и со ерихонскиот цар.
31Потоа отиде Исус и сите Израелци од Ливна во Лахис, го опсади и го нападна. 32Господ го предаде Лахис во рацете на Израелците, кои го освоија утреден: истепаа со острилото на мечот сѐ живо во него, онака како што сторија со Ливна. 33Тогаш стана Орам, гезерскиот цар, за да му помогне на Лахис, ама Исус го порази него и неговиот народ, така што никој не преживеа.
34Потоа Исус тргна со сите Израелци од Лахис против Еглон. Го опсадија градот и го нападнаа. 35Го освоија уште на истиот ден и погубија сѐ со острилото на мечот. Сѐ живо предадоа на проклетото уништување, како што направија со Лахис.
36Тогаш Исус со сиот Израел тргна од Еглон против Хеврон и го нападна. 37Го освоија и погубија сѐ со острилото на мечот: царот и жителите во сите места што му припаѓаа, не штедејќи никого. Направи со него како со Еглон. Градот со сите свои жители му беше врачен на клетото уништување.
38Најпосле Исус тргна, и сиот Израел со него, против Давир, и го нападнаа. 39Го освоија и го разурнаа; ги истепаа со острилото на мечот неговиот цар и жителите на околните места. Сето негово население му го врачија на проклетото уништување. Не поштедија никого. И Исус направи со Давир и со неговиот цар како што направи со Хеврон и со неговиот цар, со Ливна и со неговиот цар.
40Така Исус го зазеде сиот оној крај: Горјето и Негев, Шафел и Височините - и сите нивни цареви. Не остави преживеани, туку му предаде на клето уништување сѐ што дишеше, како што заповеда Господ, Израелевиот Бог. 41И ги погуби Исус сите од Кадис Варниј до Газа, и сиот крај Госен до Гаваон. 42Исус ги зазеде одеднаш сите тамошни цареви и нивните земји, зашто Господ, Израелевиот Бог, се бореше за Израел. 43Најпосле Исус и сиот Израел се вратија во логорот во Галгал.

Селектирано:

ИСУС НАВИН 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се