Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 20

20
1Во првиот ден на седмицата, многу рано додека уште беше темнина, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен.
2Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле.”
3А Петар и другиот ученик излегоа и одеа кон гробот.
4Имено, и двајцата трчаа заедно; но другиот ученик трчаше побргу од Петра и стигна прв до гробот.
5Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре.
6По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите, како лежат;
7а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место.
8Тогаш влезе и другиот ученик - кој стигна прв до гробот - и виде и поверува.
9Зашто уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10Тогаш учениците пак се вратија дома.
11А Марија стоеше надвор, при гробот и плачеше; така, додека плачеше, погледна во гробот
12и виде два ангела, како седат во бели облеки, таму каде лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот при нозете.
13Тие и рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им рече: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле?”
14Откако го рече тоа, се обѕрна и Го виде Исуса, како стои; но не знаеше дека е Исус.
15Исус и рече: „Жено, зошто плачеш? Кого Го бараш?” Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: „Господине, ако Го изнесе ти, кажи ми каде Го положи, и јас ќе Го земам!”
16Исус и рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни!”- што значи: „Учителе!”
17Исус и рече: „Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при Моите браќа и речи им: ‘Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог.’
18Марија Магдалена дојде и им јави на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа и рекол.
19А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!”
20Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа.
21Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!”
22Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух!
23На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!”
24А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус.
25Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!” А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.”
26А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!”
27Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!”
28Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!”
29Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.”
30И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава;
31а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име.

Селектирано:

Јован 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност