Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 19

19
1Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше.
2А војниците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека,
3и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!” И Му удираа плесници.
4Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.”
5А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!”
6Но, кога првосвештениците и нивните службеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!” Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.”
7Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.”
8А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши.
9И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му одговори.
10Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам?
11Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.”
12Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!”
13Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата.
14А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!”
16Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.
17А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота;
18каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина.
19А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.”
20Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки.
21Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’
22Пилат одговори: „Што напишав, напишав!”
23А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу;
24си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.
25А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена.
26А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!”
27Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!”
29Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста.
30Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.
31Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат.
32Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него;
33и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете,
34туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода.
35И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие.
36Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.”
37А на друго место Писмото вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!”
38Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусовото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело.
39А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој.
40Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено платно со мириси.
41А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен.
42Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу.

Селектирано:

Јован 19: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност