Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 11

11
1Беше и еден болен, Лазар од Витанија, од селото на Марија и сестра и Марта.
2А Марија - чиј брат Лазар беше болен - беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша Неговите нозе со својата коса.
3И така, сестрите пратија до Него да Му кажат: „Господи, ете, болен е оној кого го љубиш.”
4А штом Исус го чу тоа, рече: „Болеста не е смртоносна, туку за Божја слава, за да се прослави Божјиот Син.”
5А Исус ги љубеше: Марта, и нејзината сестра, и Лазара.
6И кога чу дека е болен, остана тогаш уште два дена во местото, каде се наоѓаше.
7Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја.”
8Учениците Му рекоа: „Рави, Јудејците сега сакаа да Те убијат со камења, а Ти пак одиш онаму?”
9Исус одговори: „Зар денот нема дванаесет часови? Ако некој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет;
10а ако некој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него.
11Тоа им рече, а потоа продолжи: „Нашиот пријател Лазар заспа; туку, одам да го разбудам.”
12Тогаш учениците Му рекоа: „Господи, ако заспал, ќе оздрави.”
13Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за починка во сон.
14Тогаш Исус им рече јасно: „Лазар умре;
15и се радувам заради вас, дека не бев таму, - за да поверувате; туку, да отидеме при него.”
16Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на соучениците: „Да отидеме и ние да умреме со Него!”
17Исус пак дојде и најде дека е четири дена во гробот.
18А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;
19и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за братот.
20Штом чу Марта дека доаѓа Исус, Му излезе во пресрет; а Марија седеше дома.
21Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше тука, не ќе умреше брат ми.
22И сега знам дека Бог ќе Ти даде, што и да помолиш од Бога.”
23Исус и рече: „Твојот брат ќе воскресне.”
24Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне, при воскресението, во последниот ден.”
25Исус и рече: „Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене - и да умре - ќе живее.
26И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли во ова?”
27Му рече: „Да, Господи; јас верувам дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој треба да дојде во светов.”
28Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и и рече скришно: „Учителот е тука и те вика!”
29И таа, штом го чу тоа, стана брзо и отиде при Него;
30имено, Исус уште не беше дошол во селото, туку беше на местото, каде Го сретна Марта.
31Јудејците пак, кои беа со неа дома и ја утешуваа, штом видоа дека Марија стана бргу и излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот, за да плаче таму.
32А кога Марија дојде таму, каде што беше Исус и кога Го виде падна пред Неговите нозе и Му рече: „Господи, да беше тука, немаше да умре брат ми.”
33Кога Исус ја виде како плаче, и како плачат Јудејците, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе
34и рече: „Каде го положивте?” Му рекоа: „Господи, дојди и види!”
35Исус просолзи.
36Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го љубел!”
37А некои од нив рекоа: „Не можеше ли Овој, Кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?”
38А Исус пак се растажи силно во Себеси и дојде на гробот; а тоа беше пештера и камен навален на неа.
39Исус рече: „Поместете го каменот!” Марта, сестрата на покојниот, Му рече: „Господи, веќе смрди, зашто е четири дни во гробот.”
40Исус и рече: „Не ли ти реков дека ќе ја видиш Божјата слава, ако веруваш?”
41Тогаш го поместија каменот, а Исус ги подигна очите нагоре и рече: „Татко, Ти благодарам, што Ме послуша.
42Јас знаев дека секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот, кој стои тука, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.”
43Откако го рече тоа, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!”
44Умрениот излезе, завиткан со повои по рацете и нозете, а лицето му беше забрадено со крпа. Исус им рече: „Одвиткајте го и оставете го да оди!”
45Тогаш мнозина од Јудејците, кои дојдоа со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него;
46а некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47Затоа свештеничките главатари и фарисеите го свикаа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Зашто Овој човек прави многу чудеса?
48Ако Го оставиме така, сите ќе веруваат во Него, и Римјаните ќе дојдат и ќе ни ги одземат и земјата и народот!”
49А еден од нив, Кајафа, кој беше првосвештеник во таа година, им рече: „Вие не знаете ништо,
50ниту помислувате, дека е подобро за вас да умре еден човек за народот, а не сиот народ да пропадне.”
51А ова не го рече сам од себе, туку - како првосвештеник во таа година - прорече, дека Исус ќе умре за народот,
52и не само за народот, туку и за да ги собере во едно распрснатите Божји деца.
53Така, по тој ден, се договорија да Го убијат.
54Затоа Исус веќе не се движеше јавно меѓу Јудејците, туку отиде оттаму во крај близу до пустината, во градот наречен Ефрем, и таму престојуваше со учениците.
55А наближуваше јудејската Пасха, па мнозина од внатрешноста отидоа горе во Ерусалим, пред Пасхата, за да се очистат.
56Го бараа Исуса, и стоејќи во Храмот, зборуваа меѓу себе: „Што мислите вие? Нема ли да дојде на празникот?”
57А главните свештеници и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.

Селектирано:

Јован 11: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност