Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗЕКИЕЛ 33

33
ОБНОВА НА ИЗРАЕЛ
33:1-39:29
А. Пророк - стражар на Израелев дом
1. Пророкова одговорност
1Ми дојде Господово слово: 2“Човечки сине, зборувај им на синовите на својот народ! Речи: ‘Ако Јас доведам меч на некоја земја, а народот на таа земја земе еден од меѓу себе и го постави за стражар, 3а тој - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - затруби во рог и го опомене сиот народ: 4ако тогаш оној кој ќе го чуе гласот на трубата а не остава да биде опоменат, та мечот дојде и го погуби - неговата крв ќе падне на негова глава: 5зашто го чу гласот на рогот, ама не остави да биде опоменат - неговата крв ќе падне на него. Ако се опоменеше, ќе го спасеше животот. 6А пак, ако стражарот - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - не затруби во рогот и не го опомени народот, та мечот дојде и погуби некого од нив: тој, навистина, ќе биде погоден заради својот грев, но Јас ќе ја барам неговата крв од раката на стражарот.’
7И тебе, човечки сине, те поставив за стражар на Израелевиот дом: кога ќе чуеш слово од Мојата уста, опомени ги во Мое име. 8Ако му речам на безбожникот: ‘Безбожнику, ќе умреш!’ - а ти не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, безбожникот ќе умре заради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам од твојата рака. 9Но ако го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, а тој не се врати од својот пат: тој ќе умре заради својот грев, а ти ќе го спасиш својот живот.
2. Пророково слово за праведност
10Човечки сине, речи му на Израелевиот дом. ‘Вие зборувате:
„Нашите престапи и гревови нѐ притискаат и пропаѓаме заради нив. И уште да живееме?“‘ 11Одговори им: ‘Животот Ми Мој – говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’
12Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’ 13Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи! 14Ако му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш!’ а тој се одврати од својот грев и почне да прави по законот и правдата; 15го враќа залогот, го плаќа ограбеното, не правејќи беззаконија - ќе живее, нема да умре! 16И сите гревови што ги имаше направено ќе му бидат заборавени. Работи според законот и правдата, ќе живее!
17Но синовите на твојот народ говорат: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Нивниот пат не е праведен! 18Ако праведникот се одврати од својата правда и почне да прави неправда, тој ќе умре заради тоа. 19А ако безбожникот се одврати од својата безбожност и почне да работи според законот и правдата, тој ќе живее заради тоа. 20А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ На секој од вас ќе ви судам според неговите патишта, Израелев дому!“
3. Вест за паѓање на Ерусалим
21Во дванаесетата година, во десетиот месец, во петтиот ден на нашето поробување, кај мене дојде бегалец од Ерусалим и рече: „Градот падна!“ 22Господовата рака се спушти врз мене приквечер пред доаѓањето на тој бегалец, и ми ја отвори устата пред тој да дојде кај мене наутро! И така, ми се отвори устата и јас веќе не бев нем.
4. Запустување - дел на останати
23И ми дојде Господово слово: 24“Човечки сине, оние кои што живеат во овие урнатини на Израелевата Земја говорат: ‘Еден беше Авраам, и ја наследи оваа земја, а ние сме многу - нам ни е дадена земјата во сопственост!’
25Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Вие јадете по горите, ги подигате своите очи кон идолите, пролевате крв - и уште да ја имате во сопственост оваа земја? 26Се потпирате врз својот меч, правите гадости, ја обесчестувате жената на својот ближен - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?“‘ 27Речи им го ова: ‘Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, оние кои се во урнатините, ќе загинат од меч; оние кои се во полето, ќе ги дадам на ѕверовите да ги проголтаат, а кои се во тврдините и во пештерите, ќе загинат од помор! 28Така ќе ја разурнам и ќе ја запустам оваа земја, и ќе ја снема засекогаш дрскоста на нејзината гордост. Ќе запустеат Израелевите гори, и веќе никој не ќе поминува низ нив. 29И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе ја разурнам и запустам нивната земја заради сите гадости што ги направија.“‘
5. Невнимателен однос на народ кон пророк
30А за тебе, човечки сине, синовите на твојот народ кажуваат покрај ѕидовите и на куќните врати и си зборуваат еден на друг: ‘Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!’ 31И брзаат кон тебе како на народен собир; и Мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува: се насладува со нив во устата, а нивното срце им оди по неправедна печалба. 32И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат. 33Но кога ќе дојде сѐ ова - ете, веќе доаѓа - ќе знаат дека имаше пророк меѓу нив!“

Селектирано:

ЕЗЕКИЕЛ 33: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се