Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗЕКИЕЛ 29

29
Ѓ. Пророштва за Египет
1. Пророштво за фараон
а. Гордост - фараонов грев
1Во десеттата година, во десеттиот месец, на дванаесеттиот ден, ми дојде Господово слово: 2“Човечки сине, сврти го лицето кон фараонот, египетскиот цар, и пророкувај против него и против сиот Египет. 3Зборувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме, против тебе, фараону, египетски цару, голем крокодилу што лежиш сред своите реки. Ти рече: ‘Реките се мои, си ги направив за себе.’ 4И затоа ќе ти закачам јадица во вилицата и ќе ги залепам сите риби на твоите реки врз твоите стргунки. Ќе те извлечам од твоите реки, со сите риби на твоите реки, залепени врз твоите стргунки. 5Ќе ве фрлам во пустината тебе и сите риби од твоите реки, ќе паднеш на отворено поле и никој не ќе те подигне, ниту ќе те погребе, на земските ѕверови и на небесните птици ќе те дадам за храна!
б. Суд над Египет
6И ќе знаат сите жители на Египет дека Јас Сум Господ. Зашто ти беше трска за потпирач на Израелевиот дом! 7Кога те фатија во рака, ти се скрши и им го прободе рамото; а кога се потпреа врз тебе ти пукна и им ги рани сите бедра.“ 8Затоа Господ Бог зборува вака: „Ете, ќе го доведам Својот меч против тебе, ќе ги истребам од тебе и луѓето и животните! 9Сета Египетска Земја ќе биде пустина и урнатина, и тие ќе знаат дека Јас Сум Господ.
в. Запустување и обнова на Египет
Зашто ти рече: ‘Реката е моја, си ја направив за себе.’ 10Затоа, еве Ме против тебе и против твоите реки, за да ја претворам Египетската Земја во пустина и запустеност од Мигдол до Севан и до етиопската граница! 11Низ неа не ќе врви веќе човечка нога ни животинска нога, ќе остане ненаселена четириесет години. 12Ќе направам пустина од Египетската Земја сред запустените земји, а нејзините градови ќе бидат урнатини четириесет години меѓу разурнатите градови. И ќе ги распрснам Египетците меѓу народите, и ќе ги расеам по земјите.“
13Зашто, Господ Бог зборува вака: „Кога ќе поминат четириесет години, ќе ги соберам пак сите Египетци од народите каде што беа распрснати. 14Ќе ги вратам египетските заробеници, ќе ги вратам пак во земјата Патрос, нивната родина, за да основат таму слабо царство. 15Тоа ќе биде најмало од сите царства, за да не се издигне никогаш веќе над другите народи. Ќе го намалам така, што веќе никогаш нема да покори други народи, 16и да не биде веќе надеж на Израелевиот дом. Нека му ги повикува во паметта гревовите што ги беше направил, свртувајќи се по нив. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ.“‘“
2. Египетска Земја - награда за Навуходоносор
17Во дваесет и седмата година, во првиот ден на првиот месец, ми дојде Господово слово: 18“Човечки сине, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со војската во голем поход против градот Тир. И секоја глава се разголе и секое рамо се одра. Но ни тој ни неговата војска немаа никаква добивка од тоа што тргнаа против Тир. 19Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе му ја предадам на Навуходоносор, вавилонскиот цар Египетската Земја, ќе ѝ го одземе богатството, ќе награба плен и ќе ја ограби. Тоа ќе биде плата за неговата војска. 20За трудот што тргна против Тир ќе му ја дадам сета Египетска Земја, зашто работеше за Мене - говори Господ Бог.
21Во оној ден ќе направам да му порасте рог на Израелевиот дом, а тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’“

Селектирано:

ЕЗЕКИЕЛ 29: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се