Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 22

22
В. Благодарна Давидова песна
1Давид му ги упати на Господа зборовите на оваа песна во денот кога Господ го избави од рацете на сите негови непријатели и од Сауловата рака. 2Пееше:
„Господи, стено моја, тврдино моја,
спасител мој;
3Боже мој, пештеро моја во која
прибегнувам,
штит мој, спасение мое,
крепост моја!
Ти ме избавуваш од насилство.
4Ќе го повикам Господа, Кој е
предостоен за пофалба
и ќе бидам избавен од непријателите.
5Брановите на смртта ме опкружија мене,
ме исплашија погубувачките буици.
6Јажињата на Подземјето ме сопираа,
смртоносни стапици паднаа на мене:
7во неволја го повикав Господа
и извикав кон својот Бог.
Од Својот Дом го чу мојот повик
и моето викање стигна до Неговите уши.
8И земјата се стресе и се растрепери,
се растресоа основите на небесата,
се раздвижија, зашто Тој пламна
со гнев.
9Од Неговите носалки се дига дим,
од Неговата уста избувна оган,
живожарица пламти од Него.
10Тој ги наведна небесата и слезе,
под Неговите нозе - мрачни облаци.
11Застана над херувим и полета;
заброди врз крилјата на ветерот.
12Се наметна со мракот како со превез,
се покри со темни води
и со густи облаци,
13од блесокот пред Неговото лице
пламнаа огнени јаглења.
14Господ загрми од небото,
гласот на Сѐвишниот ечи.
15Ги оптегна стрелите и ги распрсна враговите,
фрли молњи и ги обори на земјата.
16Морските дна се покажаа,
и основите на светот станаа голи
од страшната закана на Господа,
од буроносниот здив на Неговиот гнев.
17Тој ја испружи раката од небото и ме прифати мене,
Тој ме избави од силните води.
18Мене ме ослободи од силниот
противник,
од моите непријатели посилни од мене.
19Станаа против мене во злосреќен ден,
но Господ ме заштити,
20ме изведе во широко поле,
ме спаси, зашто сум Му мил.
21Според мојата праведност Господ
ми врати,
според чистотата на моите раце
Тој ме награди,
22зашто ги пазев Господовите патишта,
не се оддалечив од својот Бог.
23Неговите одредби се пред
моите очи,
не ги отфрлив Неговите заповеди,
24Нему Му бев верен до с’ржта,
се чувам од секој грев.
25Господ ми врати според мојата правда,
ја виде чистотата на моите раце.
26Со пријателот Ти си пријател,
на чесниот со чесност му враќаш.
27Со чистиот човек Ти си чист,
а итриот го надигруваш,
28зашто на понизниот народ
му донесуваш спасение,
а ги понижуваш горделивите очи.
29Господи, Ти ја запалуваш мојата светилка,
Боже, ја осветлуваш мојата темнина:
30со Тебе удирам врз непријателските чети,
со својот Бог ги прескокнувам ѕидовите.
31Совршени се Господовите патишта,
и Господовото слово е испитано со оган.
Тој им е штит на сите,
кои прибегнуваат кај Него.
32Зашто кој е Бог освен Господ?
Кој е стена освен нашиот Бог?
33Тој Бог ме опашува со сила,
и ја отстранува гибелта од мојот пат.
34Ми даде нозе брзи како на кошута,
и ме постави на безбедни височини,
35ми ги извежба рацете за борба
и мишките за да оптегнуваат бронзен лак.
36Ми го даваш Својот штит што спасува,
Твојата грижливост ме возвиси.
37Верба му даваш на мојот чекор,
и моите нозе веќе не се сопнуваат.
38Ги гонев своите непријатели и ги настигнав,
и не се вратив додека не ги уништив.
39Ги оборувам, не можат да се дигнат,
паѓаат, ми лежат под нозете.
40Ти ме опаша со сила за борба,
а моите противници ми ги подложи мене.
41Ти ги натера во бегство моите врагови,
и ги распрсна оние кои што ме мразеа.
42Викаат на помош, никој да помогне,
викаат кон Господа, не се одѕвива.
43Ги здробив како прав на ветер,
ги згазив како кал на патот.
44Ти ме избави од буната во мојот народ,
ме постави за главатар на незнабошците,
народ, што не го познавав, ми служи.
45Тој го слуша покорно секое мое шептење.
Синови туѓинци ми ласкаат мене.
46Туѓинските синови ја губат смелоста,
излегуваат треперејќи од своите тврдини.
47Жив е Господ! Благословена да е
мојата Стена!
Нека се возвиши Господ, моето спасение!
48Бог Кој ми дава одмазда
и ми ги покорува мене народите.
49Ме избавуваш од моите непријатели,
и ме издигаш над моите противници,
Ти ме спасуваш мене од
човекот - силник.
50Затоа Те славам, Господи, меѓу народите
и ќе го воспевам Твоето Име:
51ги умножи победите на Својот цар,
му искажа милост на Својот
помазаник,
на Давида и на неговото потомство
довека.“

Селектирано:

2 САМОИЛ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се