Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 ЛЕТОПИСИ 28

28
Ѕ. Давидови последни зборови и смрт
1. Давид го советува народот
1Давид ги собра во Ерусалим сите израелски кнезови, племенските кнезови и главатарите на одредите кои му служеа на царот, илјадниците, стотниците и надгледувачите над сиот имот и над царевото богатство и над благото на неговите синови, заедно со дворјанците и јунаците, со сите храбри војници. 2Станувајќи на нозе, царот Давид рече: „Чујте ме, браќа мои и народе мој! Јас намислив во своето срце да изградам дом каде би почивал Ковчегот на Господовиот Завет и за да биде подножје на нозете на нашиот Бог, та подготвив што е потребно за градењето. 3Но Бог ми рече: ‘Ти не ќе изградиш Дом на Моето Име, зашто си воин и пролеваше крв.’ 4Господ, Израелевиот Бог, ме избра мене од сиот мој род за да бидам цар над Израел засекогаш; зашто го избра Јуда за кнез, а од Јудиниот дом домот на мојот татко; од синовите на мојот татко Му беше драго да ме постави мене цар над сиот Израел. 5Така од моите синови, зашто Господ ми даде многу синови, го избра мојот син Соломон да седи на престолот на Господовото царство над Израел. 6И ми рече: ‘Твојот син Соломон ќе Ми ги изгради Мене Мојот Дом и Моите дворови; зашто него си го избрав за син, и Јас ќе Му бидам Татко. 7Ќе го утврдам неговото царство за секогаш ако ги врши постојано Моите заповеди и Моите закони како денес.’ 8И така, сега, пред очите на сиот Израел, на Господовиот собир, и пред својот Бог, Кој нѐ слуша, велам: пазете ги и барајте ги сите заповеди на Господа, својот Бог, за да ја задржите во сопственост оваа добра земја и за да им ја оставите во наследство на своите синови по себе довека.“
2. Совети за Соломона
9“А ти, сине мој Соломоне, познај Го Бога, својот Татко, и служи Му со сето срце и со драговолна душа, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери; ако Го бараш, ќе биде најден од тебе; ако Го оставиш, ќе те отфрли засекогаш. 10Разбери сега дека Господ те избра за да градиш Дом за Светилиштето, биди јунак и работи!“
11Тогаш Давид му го предаде на својот син Соломона нацртот на тремот, на неговите куќи, на ризницата, на горниците, на внатрешните соби и на Домот за Ковчегот; 12нацртот на сѐ што му дојде преку Духот за дворовите на Господовиот Дом, за сите соби наоколу, за сокровиштето на Божјиот Дом, за ризницата на посветените работи, 13за свештеничките и левитските редови, за секоја службена работа во Господовиот Дом и за сите службени садови во Господовиот Дом: 14злато во прачки, злато потребно за сите златни посатки на оваа или онаа служба; сребро во прачки потребно за сите сребрени посатки, за сите посатки на оваа или онаа служба; 15прачки за златни светилници со златни светилки, според тежината на секој светилник и на неговите светилки, и за сребрените светилници според тежината на секој светилник и на неговите светилки, според намената на секој светилник; 16злато во прачки за столовите на кои ќе стојат лебните приноси, за секој стол; сребро за сребрените столовите, 17за вилушки и за котлиња, за садови од чисто злато, за златни чаши, злато во прачки за секоја чаша; за сребрени чаши, сребро во шипки за секоја чаша, 18за кадилниот жртвеник пречистено злато во прачки; за нацртот на колата со златни херуви кои ќе го засолнуваат Господовиот Ковчег на Заветот со раширени крилја. 19“Сѐ тоа - рече Давид - во склад со она што Господ ми даде да напишам со сопствена рака, за да Го објасни целото дело за кое Тој набави нацрт.“
20Тогаш Давид му рече на својот син Соломон: „Биди јунак и храбар, и работи! Не бој се и не плаши се, зашто Господ, Бог, мојот Бог, ќе биде со тебе! Не ќе те напушти ниту ќе те остави додека не ја свршиш сета работа за служба околу Господовиот Дом; 21Еве ги свештеничките и левитските редови за секаква служба во Божјиот Дом; имаш покрај себе за секоја работа секакви луѓе, подготвени и вешти за секоја служба, кнезовите и сиот народ се под твое заповедништво.“

Селектирано:

1 ЛЕТОПИСИ 28: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се