Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниил 1

1
Учењето Даниилово.
1Во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким се крена вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим и го опседна.
2И го предаде Господ во раката негова јудејскиот цар Јоакима и дел од садовите на домот Божји, и тој ги испрати во земјата Сенар, во домот на својот бог, и ги внесоа тие садови во ризницата на својот бог.
3И му рече царот на Асвеназа, началникот на дворјаните, да му доведе од синовите Израилеви, од царски и кнежевски род,
4момчиња кои немаа никаков телесен недостаток, лични на глед и способни за секаква наука, што ги разбираат науките и да се разумни и волни да служат во царските палати, и да ги научи халдејските книги и јазик.
5И определи царот секојдневна храна од царската трпеза и вино што сам го пиеше, па заповеда да ги воспитуваат три години, а потоа тие требаше да се појават пред царот.
6Меѓу нив беа од Јудините синови Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј.
7Тогаш началникот на дворјаните им ги смени имињата: Даниила го нарече Валтазар, Ананија – Седрах, Мисаила – Мисах и Азарија – Авденаго.
8Даниил науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното, што го пиеше царот, па затоа го замоли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува.
9Бог му даде на Даниила милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните.
10И така, началникот на дворјаните му рече на Даниила: »Се плашам од својот Господа, царот, кој лично ја определи храната и пењето; ако ги види вашите лица послаби, отколку што се кај момчињата, вашите врсници, вие ќе ја доведете во опасност славата моја пред царот.«
11Тогаш Даниил му рече на Амелсара, кого го беше поставил при Даниила Ананија, Мисаила и Азарија началникот на дворјаните:
12»Обиди се со слугите свои – десет дни нека ни даваат овошје како храна и вода за пиење;
13а потоа нека се јават пред тебе нашите лица и лицата на оние момчиња што се хранат од царската трпеза, па потоа постапувај со слугите свои, како што ќе мислиш да е добро.«
14Тој ги послуша во тоа и направи обид таков со нив десет дена.
15По десетте дена лицата нивни изгледаа поубави, а и телесно беа пополни од сите оние момчиња, што се хранеа со царските јадења.
16Тогаш Амелсар го земаше нивното јадење и виното, па им даваше овошје.
17И им дарува Бог на четворицата момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниила му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа.
18Откако завршија деновите, кога царот беше заповедал да ги претстават, началникот на дворјаните ги претстави пред Навуходоносора.
19Царот зборуваше со нив и од сите момчиња не се најде ниту едно како што беа Даниил, Ананиј, Мисаил и Азариј, и потоа тие почнаа да служат пред царот.
20И во сѐ, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство.
21И остана таму Даниил до првата година на царот Кир.

Селектирано:

Даниил 1: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност