Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 18

18
Павле во Коринт, од каде што преку Ефес се враќа во Ерусалим и Антиохија. Поаѓа на своето трето проповедничко патување. Аполос во Ефес.
1Потоа Павле ја напушти Атина и дојде во Коринт;
2и, откако најде еден Јудеец, по име Акила, родум од Понт, кој наскоро дошол од Италија со жена си Прискила, оти Клаудиј беше заповедал да го напуштат Рим сите Јудејци – дојде при нив;
3и бидејќи го имаше истиот занает, остана при нив и работеше, а занаетот им беше да прават шатори.
4И секоја сабота тој зборуваше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Елините.
5А кога Сила и Тимотеј слегнаа од Македонија, Павле беше подбудуван во својот дух да сведочи пред Јудејците дека Исус е Христос.
6Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе алиштата и им рече: »Крвта ваша – на главите ваши! Јас сум чист. Отсега одам при незнабошците.«
7И штом се дигна оттаму, дојде при некој си човек по име Јуст, кој го почитуваше Бога, и чија куќа беше до синагогата.
8А Крисп, началник на синагогата, поверува во Господа со целиот свој дом; и мнозина коринтјани, слушајќи го Павла, поверуваа и се покрстија.
9И му рече Господ на Павла во видение ноќе: »Не бој се, туку зборувај и не замолкнувај,
10зашто Јас сум со тебе, и никој не ќе посегне да ти направи зло; бидејќи имам многу народ во овој град.«
11Тој остана таму една година и шест месеци и ги поучуваше во словото Божјо.
12А кога Галион беше проконсул во Ахаја, Јудејците еднодушно го нападнаа Павла и го одведоа в суд,
13велејќи: дека тој ги учи луѓето да Го почитуваат Бога не според Законот.
14И кога Павле сакаше да одговори, Галион им рече на Јудејците: »Јудејци, ако имаше некоја неправда или зло дело, лукаво, веднаш ќе ве ислушав по должност;
15но, штом е препирката за учење и за имиња, и за вашиот Закон, разгледајте сами, зашто јас не сакам да бидам судија во тие работи.«
16И ги истера од судот.
17Тогаш сите Елини го фатија Состена, началникот на синагогата, и го биеја пред судот, а Галион и не обрнуваше внимание на тоа.
18Откако помина таму уште доста денови, Павле се прости со браќата и отплови за Сирија заедно со Акила и Прискила, откако ја острига главата во Кенхреја, бидејќи беше дал завет.
19Кога стигна во Ефес, ги остави нив таму, а сам тој влезе во синагогата и спореше со Јудејците.
20А кога тие го замолија да остане при нив подолго време, тој не се согласи,
21туку се прости со нив и рече: »Бездруго празникот што иде треба да го поминам во Ерусалим; и ако Бог сака, пак ќе се вратам при вас.«
22Кога слезе во Ќесарија, отиде во Ерусалим, ја поздрави црквата и потоа отиде во Антиохија.
23Откако престоја таму некое време, излезе и го обиколуваше по ред крајот Галатиски и Фригија и ги утврдуваше сите ученици.
24И дојде во Ефес некој си Јудеец, по име Аполос, родум од Александрија, човек красноречив и силен во Писмата.
25Тој беше упатен во патот Господов и, распален во духот, зборуваше и поучуваше правилно за Господа, иако знаеше само за Јовановото крштавање.
26Тој почна да зборува смело во синагогата. Кога го чуја Акила и Прискила, го прибраа и му го објаснија патот Господов поточно.
27А кога тој сакаше да замине за Ахаја, браќата се обрнаа со писмо до тамошните ученици, за да го примат; и тој, кога стигна таму, многу им помогна на верниците преку благодатта,
28бидејќи силно ги изобличуваше Јудејците пред целиот народ, докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос.

Селектирано:

Дела 18: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се