Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 46

46
За кнезот и празниците
1Така вели Господ Бог: „Вратата на внатрешниот двор, свртена кон исток, треба да биде затворена во текот на шесте работни денови, а во саботниот ден да биде отворена, но и во деновите на новомесечијата треба да биде отворена. 2Кнезот ќе мине низ надворешниот трем до вратата и ќе застане кај довратниците на таа врата; свештениците ќе ја извршуваат неговата сепаленица и неговата благодарствена жртва; и тој пред прагот на вратата ќе Му се поклони на Господ и ќе излезе, а вратата ќе остане отворена до вечерта. 3#4 Мојс 28,9-10И народот од таа земја ќе се поклони пред Господ, пред влезот на вратата, во саботите и во новомесечијата. 4Сепаленицата, која кнезот ќе Му ја принесува на Господ во саботен ден, треба да се состои од шест јагниња без недостаток и овен без недостаток; 5#4 Мојс 28,11-15лебниот принос ќе биде ефа на овен, а лебниот принос за јагнињата колку што ќе му даде раката, како и масло – еден хин на ефа. 6Во денот, пак, на новомесечие, тој ќе принесува по еден јунец без недостаток од стадото волови, а и по шест јагниња и по еден овен без недостаток. 7Лебниот принос ќе се состои од ефа на јунец и ефа на овен, додека за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и масло по еден хин на ефа. 8И кога доаѓа кнезот, тој треба да влегува низ тремот од таа врата, и по истиот пат да излегува. 9А кога доаѓа народот од таа земја пред лицето на Господ во празнични де­нови, оној што ќе влегува низ северната врата за поклон, ќе треба да излезе низ јужната врата, додека оној што ќе влезе низ јужната врата, тој ќе треба да излезе низ северната врата: тој не треба да излегува низ истата врата низ која влегол, туку низ спротивната врата. 10И кнезот треба да се наоѓа меѓу нив; кога ќе влегуваат тие, и тој влегува, и кога ќе излегуваат тие, излегува и тој. 11И во празничните денови и за време прославите за лебен принос треба да има по ефа на јунец и по ефа на овен, а за јагнињата колку што раката ќе му даде, како и масло – по хин на ефа. 12Ако, пак, кнезот по своја волја по­бара да принесе сепаленица или благодарствена жртва на Господ, тогаш нему ќе му се отвори вратата, свртена кон исток, и тој ќе ја принесе својата сепаленица и својата благодарствена жртва, онака како што се извршува во саботен ден, и потоа тој ќе излезе, но по него­вото излегување, вратата ќе се затвори.
Секојдневните жртви
13Секој ден принесувај Му на Господ сепаленица по едно јагне без недостаток, принесувај го изутрина. 14И лебен принос додавај кон него секое утро – по една шестина од ефа и по една третина од хин масло, за да се покваси брашното; тоа е вечна наредба за лебниот принос на Господ, засекогаш. 15Постојано, секое утро, да се принесува за сепаленица по едно јагне, лебен принос и масло.
Кнезот и земјата
16Така вели Господ Бог: ако кнезот на некого од синовите свои му даде дар, тој дар треба да му е во наследство и на синовите негови; тоа нивно владение треба да биде наследствено. 17#3 Мојс 25,2-7.10Ако, пак, од наследственото свое му даде дар на некого од слугите свои, тој подарок ќе му припаѓа само до ослободувањето негово, а потоа тој ќе му се врати на кнезот. Само на неговите си­нови треба да остане наследството негово. 18#1 Цар 21Но кнезот нема право да зема од наследствениот дел на народот, гонејќи ги луѓето од нивните владенија; само од своето владение тој може да дава на децата свои, та никој од народот Мој да не биде изгонет од неговото владение.“
Кујните во храмот
19И ме доведе тој до ходникот, што се наоѓаше откај вратите, во светите соби за свештениците, свртени кон север, а таму, ете, имаше едно место во дното кон запад. 20И ми рече: „Ова е местото каде што свештениците треба да ја варат жртвата за престап и жртвата за грев, каде што треба да го печат лебниот принос, не изнесувајќи го во надворешниот двор, за осветување на народот.“ 21Па ме изведе во надворешниот двор и ме проведе по четирите агли на дворот, и, ете, – кај секој дворен агол имаше пак двор. 22Во сите четири дворни агли имаше покриени дворови, по четириесет лакти во должина и по триесет лакти во ширина, сите четири имаа иста мерка. 23Насекаде околу четирите дворови имаше ѕидови, а кај ѕидовите беа напра­вени огништа наоколу. 24И ми рече: ете, тоа се готварниците, во кои служителите во храмот ги варат народните жртви.

Селектирано:

Езекиел 46: MK2006

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност