Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Макавејска Вовед

Вовед
Во 331 година пр. Александар Македонски (336–323) ја скршил персиската власт и тогаш настапува елинистичката епоха. По смртта на Александар неговите генерали ја поделиле власта. Палестина најнапред потпаднала под власт на египетските Птоломеиди, до 197 година, а подоцна под арамејските Селевкиди. Најтешкиот период настапува под власта на Антиох Четврти Епифан (175-164/163 год.) кој започнал да спроведува присилна елинизација и со тоа предизвикал народен отпор под водство на свештеникот Мататија и неговите пет сина, од кои најистакнатиот се викал Јуда, со прекар Макавеј. Според него се наречени и овие книги и целиот тој период, главно од 175 год. до 134 год. пр. Хр., кога на власт дошол Јован Хиркан, големиот свештеник и етнарх.
Основната содржина на овие книги го изразува судирот помеѓу два света, два различни менталитета: јудејскиот и елинистичкиот. Во борбата против навлегувањето на странската цивилизација и култура, Јудејците истовремено настојувале да ја зачуваат и чистотата на својата религија и народната самостојност. Законот, храмот, верата на татковците, се наоѓаат во средиштето на борбата која се опишува како повторно освојување на Светата Земја.
Писателот на првата книга не е познат. Се чини дека бил Јудеец, бидејќи добро ја познавал географијата и топографијата на Палестина и е упатен во библискиот стил и литература. Понекогаш пишува како директен очевидец, некаде кон крајот на вториот век пр. Христос. Книгата изворно била напишана на еврејски, или арамејски, но до нас е дојдена само на грчки јазик. Св. Ероним го користел и еврејскиот оригинал. Историската критика се согласува дека писателот поседувал одлично познавање на историјата. Неговото известување е едноставно, трезвено јасно, објективно и добро разработено (сп. 4,1-21; 6,28-54; 7,26-50). Се служел и со архивска документација (14,49; 16,24). Хронолошките податоци му се точни и проверени. Но целта на писателот ги надминува историските рамки. Книгата има изразито религиозна цел: да се утешат и да се охрабрат религиозните Јудејци да бидат ревносни за зачувување на чистотата на верата, чување на Заветот, светоста на храмот и богобојаз­ливоста, како и за верноста кон Законот.

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се