Parallel

Матеј 27

27
1А кога се раздени, сите свештенички главатари и народните старешини се советуваа против Исуса, за да Го убијат.
2И Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Понтиј Пилат.
3Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините;
4велејќи: „Згрешив, зашто предадов невина крв.” А тие му рекоа: „Што ни е нам? Гледај ти!”
5Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси.
6А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.”
7Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци.
8Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива.
9Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови,
10и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.”
11А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?” А Исус рече: „Ти велиш”.
12И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо.
13Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сè сведочат против Тебе?”
14И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу.
15А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале.
16Тогаш имаа прочуен затвореник, кој се викаше Варава.
17И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?”
18Зашто знаеше дека Го предадоа од завист.
19И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!”
20Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.
21Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?” А тие рекоа: „Варава!”
22Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?” Сите рекоа: „Да биде распнат!”
23А тој рече: „Какво зло направил?” А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!”
24А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!”
25И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!”
26Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат.
27Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него.
28Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка;
29исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!”
30И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.
31Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат.
32А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот.
33И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп,
34Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие.
35А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.”
36И седеа и Го пазеа таму.
37И Му ставија над Неговата глава натпис за Неговата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.”
38Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево.
39А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите
40и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!”
41Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се:
42”Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме!
43Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!”
44А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него.
45А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час.
46Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?”
47А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!”
48И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие.
49А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!”
50А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот.
51И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа,
52а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети;
53и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина.
54А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!”
55А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа.
56Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови.
57А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик;
58тој отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му биде дадено.
59И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно
60и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа. И навали голем камен на гробната врата и си отиде.
61А Марија Магдалена и другата Марија, седеа таму спроти гробот.
62А на идниот ден, по подготвувањето, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата
63и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „Ќе воскреснам по три дни.”
64Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат, и да му речат на народот: ‘Воскресна од мртвите,’ и последната измама ќе биде полоша од првата.”
65Пилат им рече: „Ене ви стража; отидете и чувајте како што знаете!”
66Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот - со стража.