Parallel

Матеј 13

13
1Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето.
2И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот.
3И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее,
4и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа.
5Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја.
6А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија.
7Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши.
8Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет.
9Кој има уши да слуша, нека слуша!”
10И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?”
11А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено.
12Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има.
13Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат.
14И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите.
15Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’
16А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат.
17Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.”
18”И така, чујте ја вие параболата за сејачот.
19Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граби тоа што е посеано во неговото срце; тоа е, што е посеано покрај патот.
20А посеаното на каменити места е оној, кој го слуша словото и веднаш го прима со радост,
21но нема корен во себе, и привремен е, и кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнува.
22А посеаното меѓу трње е оној, кој го слуша словото, но грижите за светов и измамата на богатството го загушуваат словото, и станува неплоден.
23А посеаното на добра земја е оној, кој го слуша словото и го разбира; кој навистина раѓа плод и донесува: едниот стократно, другиот шеесет, и другиот триесет.”
24Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива.
25Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде.
26А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот.
27А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’
28А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’
29А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата.
30Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.”
31Друга парабола им претстави, велејќи: „Царството небесно е слично на синаповото зрно, кое човекот го зеде и го посеа на својата нива;
32тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога е пораснато, поголемо е од зеленчуците и станува дрво, така што птиците небесни доаѓаат и се гнездат на неговите гранки.”
33Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.”
34Сето ова Исус им го кажа на народот во параболи, и без парабола Тој не им говореше;
35за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.”
36Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.”
37А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки.
38Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот,
39а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели.
40Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот.
41Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие,
42и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби.
43Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!”
44”И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сè што има, и ја купува таа нива.”
45”И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери.
46А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има, и го купува.”
47”И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид.
48Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија.
49Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните,
50и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.”
51Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?” Му рекоа: „Да Господи!”
52А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.”
53И се случи кога Исус ги сврши тие параболи, да замине оттаму.
54И штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивните синагоги, така што се зачудуваа и зборуваа: „Откаде Му се на Овој оваа мудрост и силни дела?
55Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда?
56И Неговите сестри не се ли сите со нас? Откаде Му е тогаш на Овој сето тоа?”
57И се соблазнуваа во Него. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата татковина и во својот дом.”
58И не изврши таму многу силни дела, заради нивното неверување.