Parallel

Матеј 14

14
1Во она време четворовласникот Ирод го чу гласот за Исуса;
2и им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал од мртвите, и затоа силните дела дејствуваат во Него.”
3Зашто Ирод го фати Јована, го врза и го стави во затвор, заради Иродијада, жената на брата си Филипа;
4бидејќи Јован му велеше: „Не ти е дозволено да ја имаш.”
5И сакајќи да го убие, се боеше од народот, зашто го држеше за пророк.
6А кога се празнуваше Иродовиот роденден, Иродијадината ќерка играше среде и му угоди на Ирода,
7затоа, тој со клетва и вети да и даде, што и да му побара.
8А таа, наговорена од својата мајка, рече: „Дај ми ја тука на послужавник главата на Јован Крстител.”
9И царот се ожалости, но заради клетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат,
10и испрати, па го обезглавија Јована во затворот.
11И неговата глава беше донесена на послужавник и дадена на девојката, а таа ја однесе на мајка си.
12И неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, и отидоа и Му јавија на Исуса.
13А кога го чу тоа Исус, се повлече оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но мноштвата чуја и Го следеа пеш од градовите.
14И кога излезе виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни.
15А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.”
16Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!”
17А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.”
18А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.”
19И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата.
20И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни.
21А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата.
22И веднаш ги натера Исус учениците Свои да влезат во кораб и да отидат пред Него на другата страна, додека да го распушти народот.
23И штом го распушти народот, се искачи на гората, за да се моли насамо. А кога се свечери, беше Сам таму.
24А коработ веќе беше многу стадии далеку од брегот, измачуван од брановите, зашто ветерот беше спротивен.
25А во четвртата ноќна стража дојде при нив, одејќи по морето.
26Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: „Тоа е привидение!” и извикаа од страв.
27А Исус веднаш им проговори и рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се.”
28А Петар Му одговори и рече: „Господи, ако си Ти, нареди ми да дојдам при Тебе по водата.”
29Тој пак рече: „Дојди!” И Петар слезе од коработ и одеше по водата да дојде при Исуса.
30Но кога го виде силниот ветер, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: „Господи, спаси ме!”
31А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: „Маловерен, зошто се посомнева?”
32И кога влегоа во коработ, ветрот престана.
33А оние, кои беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: „Навистина Ти си Божји Син.”
34И кога преминаа, дојдоа во Генисаретската земја.
35И кога Го познаа луѓето од тоа место, испратија по целата онаа околија и Му ги донесоа сите кои беа болни,
36и Го молеа да се допрат само до ресите на Неговата облека; и колку и да се допреа, сите се исцелуваа.