24
За разурнувањето на Ерусалим. Второто Христово доаѓање и крајот на светот.
1И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот.
2А Исус им рече: »Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат.«
3И кога седеше во Елеонската Гора, дојдоа при Него учениците Негови насамо и Му рекоа: »Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе виде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?«
4А Исус им одговори и рече: »Пазете се, да не ве излаже некој;
5зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина.
6Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот.
7Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси;
8а сето тоа е почеток на болките.
9Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.
10Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат;
11многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина;
12и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади.
13А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
14И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.
15Па така, штом ја видите мерзоста на запустението да стои на свето место, за која е зборувано преку пророкот Даниил – кој чита, нека разбере,
16тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по планините;
17кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од куќата своја;
18и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои!
19Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни.
20Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме, или во сабота;
21оти тогаш ќе биде мака, каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде.
22И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.
23Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос, или таму е‘, не верувајте!
24Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните.
25Ете, однапред ви кажав.
26И така, ако ви речат: ‚Ете, во пустината е Он‘ – не излегувајте; ‚Ете, во тајната соба е‘ – не верувајте!
27Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.
28Оти, каде што е трупот, таму се собираат и орлите.
29И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат.
30Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила;
31и ќе ги испрати Своите ангели со голем трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.
32Со смоквата направете споредба: штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото;
33така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.
34Вистина ви велам: нема да премине овој род, додека сето тоа не се исполни.
35Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат.
36А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец;
37но, како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;
38оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот,
39и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ, – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки;
40тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави;
41две жени ќе мелат на рачници: едната ќе се земе, а другата ќе се остави.
42Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.
43Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата.
44Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки.
45Кој е, пак, тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна?
46Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така;
47вистина, ви велам, дека над целиот свој имот ќе го постави него.
48Ако, пак, тој слуга, бидејќи лош, рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘,
49па почне да ги бие другарите свои и да јаде и пие со пијаниците,
50господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога тој не го очекува, и во час, што не го знае;
51и ќе го пресече на половина, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.«