Parallel

Матеј 23

23
Исус ги укорува книжниците и фарисеите. Тешките гревови на Ерусалим. Пророкување за разурнувањето на храмот.
1Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои,
2говорејќи: »На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите.
3Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат;
4врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат;
5и сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека;
6сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,
7и поздрави по улиците, и да им велат луѓето ‚учителе, учителе!‘
8А вие, немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа;
9и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата;
10и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник – Христос.
11Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга;
12зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.
13Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат.
14Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.
15Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден последовател, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас.
16Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во црковното злато, виновен е.‘
17Безумни и слепи! Што е поголемо, навистина: златото или црквата, која го осветува златото?
18Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘
19Безумни и слепи! Што е, навистина, посвето: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот?
20А кој се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;
21и кој се заколне во црквата, се колне во неа и во Оној, Кој живее во неа;
22и кој се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.
23Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.
24Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате.
25Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда.
26Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.
27Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија;
28така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.
29Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните,
30па велите: ‚Ако живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците‘.
31А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние, што ги убиле пророците.
32Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши.
33Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот?
34Затоа, ете, Јас праќам при вас пророци и мудреци и книжници; едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги биете по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град;
35за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.
36Вистина, ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род.
37Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте.
38Ете, ви се остава вашиот дом пуст.
39Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега дури не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘«