Матеј 16

16
Фарисеите бараат знак. За квасот. Петровото сведоштво и клучевите. Првото претскажување за страдањата. Христовите следбеници.
1Тогаш, пристапија кон Исуса фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото.
2Он, одговарајќи им, рече: »Навечер, велите: ќе биде ведро, оти небото е црвено;
3а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?
4Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.« Па како ги остави, си замина.
5И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.
6Исус им рече: »Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!«
7А тие помислија во себе и си рекоа: »Тоа е што не зедовме леб?«
8Но Исус ги разбра и им рече: »Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?
9Уште ли не разбирате и не помните ли за петте лебови на пет илјади души, и колку кошеви собравте?
10Ниту за седумте лебови на четири илјади души, и колку кошници собравте?
11Како не разбирате дека не за леб ви реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘«
12Тогаш разбраа дека Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.
13И кога дојде Исус во земјата на Ќесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: »За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?«
14Тие одговорија: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците.«
15А Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?«
16Симон Петар одговори и рече: »Ти си Христос, Синот на живиот Бог.«
17Тогаш Исус му одговори и рече: »Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата.
18А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
19И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.«
20Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, оти е Он Исус Христос.
21Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
22А Петар, како Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: »Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!«
23Но Он се заврте и му рече на Петра: »Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!«
24Тогаш Исус им рече на учениците Свои: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене;
25зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде:
26оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
27Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.
28Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди во царството Свое.«

موجودہ انتخاب:

Матеј 16: MK1990

سرخی

شئیر

کاپی

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion آپ کے تجربے کو ذاتی بنانے کے لیے کوکیز کا استعمال کرتا ہے۔ ہماری ویب سائٹ کا استعمال کرتے ہوئے، آپ ہماری کوکیز کے استعمال کو قبول کرتے ہیں جیسا کہ ہماری رازداری کی پالیسیمیں بیان کیا گیا ہے۔