Parallel

Матеј 15

15
Исус ги отфрлува човечките обичаи. Услишената жена Хананејка. Лекување на болни. Нахранува четири илјади луѓе.
1Тогаш, пристапија кон Исуса ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:
2Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Оти не си ги мијат рацете, кога јадат леб?
3А Он им одговори и рече: »Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?
4Зашто Бог заповедал и рекол: ‚почитувај ги татка си и мајка си‘ и ‚кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘.
5А вие велите: ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, дар е;
6значи, тој може да не го почитува својот татко или својата мајка. Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание.
7Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:
8‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене;
9но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘.«
10И како ги повика луѓето, им рече: »Слушајте и разберете:
11не она, што влегува во устата, го осквернува човекот, а она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.«
12Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: »Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?«
13А Он, одговарајќи им, рече: »Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне;
14оставете ги: тие се слепи водачи на слепци: а кога слепец води слепец, обата ќе паднат во јама.«
15Петар, пак, Му одговори и рече: »Објасни ни ја оваа парабола.«
16А Исус им рече: »Ама вие, уште ли не сфаќате?
17Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор?
18А она, што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот;
19Оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;
20тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.«
21И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска.
22И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: »Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.«
23Но Он не ѝ одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: »Отпушти ја, оти вика по нас.«
24А Он одговори и рече: »Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев.«
25Но таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: »Господи, помогни ми!«
26А Он, одговарајќи ѝ рече: »Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.«
27Но таа Му рече: »Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.«
28Тогаш Исус одговори и рече: »О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!« И во тој час оздраве ќерката нејзина.
29Штом замина оттаму, дојде Исус при морето Галилејско, се искачи во гората и седна таму.
30И дојде при Него многу народ, кој имаше со себе хроми, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исуса, и Он ги исцели
31така, што народот се восхитуваше, гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, хроми се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев.
32А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: »Жал ми е за луѓето, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.«
33Но учениците Негови Му рекоа: »Каде ќе земеме толку леб во пустинава, за да нахраниме толку народ?«
34Исус ги праша: »Колку лебови имате?« А тие одговорија: »Седум и неколку риби.«
35Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.
36И како ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.
37И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња седум полни кошници.
38А оние што јадеа, беа четири илјади души, освен жените и децата.
39Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во пределите Магдалски.