YouVersion Logo
Search Icon

Лука 1

1
1Драги Теофиле, Мнозина почнаа да пишуваат за настаните што се случија кај нас.
2Пишуваат за она што ни го пренесоа Христовите ученици, кои од самиот почеток беа очевидци и проповедници на она што Бог го направи преку Своето Слово.
3И јас решив да ти напишам еден извештај, почитуван Теофиле, точно според редоследот на случките, откако претходно темелно ги проучив сите нив, од самиот нивни почеток,
4за да се увериш во сигурната основа на учењето што си го примил.
5Во времето кога Ирод царуваше над покраината Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, по потекло од свештеничкиот ред на Авијах. Неговата жена се викаше Елисавета и беше потомка на свештеникот Арон.
6Обајцата беа праведни пред Бога и целосно ги почитуваа сите Господови заповеди и правила.
7Тие немаа деца, зашто Елисавета беше неротка, а веќе беа и во поодминати години.
8Еден ден, кога му беше редот на Захарија да ја извршува свештеничката служба во Божјиот храм,
9тој беше избран со жрепка - според вообичаената практика меѓу свештениците - да влезе во храмот и да изврши кадење на жртвеникот.
10За време на кадењето, народот беше надвор и се молеше.
11Наеднаш, пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење.
12Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде.
13Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован.
14Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање.
15Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си.
16Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог.
17Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети.“
18Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“
19Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест.
20Но ти не им поверува на моите зборови, кои сепак ќе се исполнат кога за тоа ќе дојде време; затоа сега ти ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сe до оној ден кога ќе се исполни ова што ти го кажав!“
21Во меѓувреме, народот чекаше Захарија да излезе и се чудеше зошто толку долго се задржа во храмот.
22Кога излезе, не можеше да зборува, но според неговите движења заклучија дека имал некое видение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, без да проговори ниту еден збор.
23Кога му истече времето за служење во храмот, Захарија се врати дома.
24По извесно време неговата жена Елисавета забремени, но бременоста ја прикриваше цели пет месеци и велеше:
25„Најпосле ја добив Господовата благонаклоност, кога реши да се смилува и да го симне срамот од мене!“
26По шест месеци, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет,
27кај една девица по име Марија која му беше свршеница на Јосиф, потомок на царот Давид.
28Доаѓајќи кај неа, ангелот и рече: „Радувај се, зашто си преблагословена и Господ е со тебе!“
29Марија се исплаши кога ги чу овие зборови и почна да размислува за значењето на необичниот поздрав.
30Ангелот и рече: „Не плаши се, Марија, Бог ти е благонаклонет!
31Ти ќе забремениш, ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус.
32Тој ќе биде велик и ќе биде наречен Син на Севишниот. Господ Бог ќе Му го даде Нему престолот од Неговиот предок, царот Давид.
33Тој вечно ќе владее меѓу потомците на Јаков и Неговото царство ќе нема крај.“
34Тогаш Марија му рече на ангелот: „Како ќе родам дете, кога јас сум девица!?“
35Ангелот и одговори: „Преку Светиот Дух, Кој ќе слезе, ќе те исполни и силата на Севишниот ќе се спушти врз тебе. Затоа и Детето што ќе го родиш ќе биде свето и ќе биде наречено Божји Син.
36Еве, и твојата роднина Елисавета забремени, иако е веќе во поодминати години. Ја нарекуваа неротка, а еве, таа е сега во шестиот месец на бременост,
37зашто, за Бог нема невозможни нешта!
38Тогаш Марија му рече: „Јас Му стојам на услуга на Господ; нека се исполни со мене она што го кажа ти.“ По ова, ангелот си замина.
39Набргу потоа, Марија побрза кон еден град во планинските предели на Јудеја.
40Влегувајќи во куќата на Захарија, се поздрави со Елисавета.
41Штом Елисавета го чу поздравот на Марија, детето во нејзината утроба се размрда. Елисавета се исполни со Светиот Дух,
42и гласно рече: „Ти си најблагословена од сите жени и благословено е Детето што е зачнато во тебе!
43Како токму кај мене да дојде мајката на мојот Господ!?
44Штом го чув твојот поздрав, детево во мојава утроба се размрда од радост!
45Благословена си, зашто поверува дека ќе се исполни тоа што Господ го кажал!“
46Марија рече: “Душава моја Го слави Господа;
47извикува од радост мојот дух, заради Бог, мојот Спасител,
48Кој милозливо си спомна за мене, Неговата ништожна слугинка! Ете, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат ,Благословена‘,
49зашто големи нешта направи Семоќниот за мене. Свето е Неговото Име,
50и милосрдието Негово спрема оние што Го почитуваат продолжува од поколение во поколение.
51Тој ја испружи Својата моќна рака и ги уништи оние што длабоко во себе се гордееја со своите мисли.
52Ги симна од власт владетелите, а ги возвиши понизните,
53ги насити гладните со благо, а богатите ги испрати со празни раце.
54Му дојде на помош на Својот слуга Израел, припомнувајќи си за милоста
55што им ја вети на нашите предци, за Авраам и за неговото потомство, довека!“
56Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома.
57Дојде време Елисавета да се породи и таа роди син.
58Кога нејзините соседи и роднини видоа дека Господ покажа кон неа голема благонаклоност, заедно со неа се радуваа и тие.
59На осмиот ден по раѓањето го донесоа детето да го обрежат и сакаа да му дадат име Захарија, според името на татко му.
60Но мајка му рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“
61Тие и велеа: „Па никој од твоите роднини не се вика така!“
62Потоа преку знаци го прашаа таткото, како сака да се вика детето.
63Захарија побара една плоча за пишување и напиша: „Ќе се вика Јован!“ Сите беа изненадени.
64Во истиот миг, му се врати говорот на Захарија и тој почна да Го слави Бога.
65По ова страв завладеа меѓу луѓето во тој крај, а за овие случки се расправаше по сиот планински предел на Јудеја.
66Сите што ќе слушнеа за ова размислуваа и се прашуваа: „Што ли ќе биде од ова дете!?“, зашто беше очигледно дека со него беше силата Господова.
67Тогаш Захарија, таткото на Јован (Крстител), се исполни со Свет Дух и го изрече ова пророштво:
68Слава нека Му е на Господ, Израеловиот Бог, Кој му дојде на помош на Својот народ и го избави!
69Тој ни подигна моќен Избавител од потомците на Својот слуга Давид.
70Како што одамна ни беше ветил, преку устите на Своите пророци,
71дека ќе нe спаси од нашите непријатели и од рацете на оние што нe мразат,
72дека ќе им се смилува на нашите предци и ќе Си спомне за Својот свет Завет.
73Тој со заклетва му вети на нашиот прататко Авраам
74дека ќе нe избави од нашите непријатели и ќе ни овозможи да Му служиме на Бога без страв,
75за да бидеме свети и праведни пред Него во текот на целиот наш живот.
76А ти, сине мој, ќе бидеш наречен пророк на Севишниот. Ќе Му бидеш претходница на Господ и ќе Му го подготвиш патот,
77објаснувајќи им го на луѓето спасението што доаѓа преку простување на гревовите,
78благодарение на милосрдното срце на нашиот Бог, преку Кој ќе нe огрее Сонце од небото,
79Кое ќе ги осветли сите што живеат во мракот на смртната сенка, и ќе ни ги насочи чекорите кон патот на мирот!“
80Детето растеше и се развиваше духовно. Живееше во пустината сe до денот кога ја започна својата јавна мисија меѓу Израелците.

Currently Selected:

Лука 1: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy