Parallel

Матеј 7

7
1„Не судете, за да не бидете судени!
2Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери.”
3” Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око?
4Или, како ќе му речеш на брата си: ‘Дозволи ми, да ти ја извадам раската од твоето око; а, пак, ете, во твоето око има греда?’
5Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш јасно, како да ја извадиш раската од окото на брата си.”
6”Не давајте им го она што е свето на кучињата; ниту фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, и да се завртат и да ве раскинат.”
7”Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.
8Зашто секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори.
9Или, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен?
10Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија?
11И така, ако вие, кои сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе вашиот Татко, Кој е во небесата, ќе им даде добра на оние, кои Го молат?”
12”И така, сè што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.”
13”Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа.
14Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.”
15”Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци.
16Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
17Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови.
18Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови.
19Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган.
20И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.”
21”Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата.
22Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’
23И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’
24”И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен.
25И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен.
26И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок.
27И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.”
28И кога Исус ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење;
29зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како нивните книжници.