Parallel

Матеј 18

18
1Во тој час учениците дојдоа при Исуса и рекоа: „Тогаш, кој е поголем во царството небесно?”
2И повика дете при Себе, го постави среде нив
3и рече: „Вистина ви велам, ако не се обрнете и станете како деца, нема да влезете во царството небесно.
4И затоа, кој ќе се понизи себеси како ова дете, тој е поголемиот во царството небесно.
5И кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима.
6А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина.
7Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно соблазните ќе дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната!”
8”Ако твојата рака или твојата нога те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот фатен и хром, отколку имајќи две раце или две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган.
9И ако те соблазнува твоето око, извади го и фрли го од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку имајќи две очи да бидеш фрлен во пеколот огнен.”
10”Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата.
11Зашто Синот Човечки дојде да го спаси, она што е изгубено.
12Како ви се гледа? Ако некој човек има сто овци, и едната од нив залута, нема ли да ги остави деведесет и деветте по планините, и да појде да ја бара залутаната?
13И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека тој се радува за неа повеќе, отколку за деведесет и деветте, што не залутале.
14Така, не е волјата на вашиот Татко, Кој е во небесата да загине едно од овие, маливе.”
15”Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него. Ако те послуша, си го придобил брата си.
16Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор.
17А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како народите и како цариникот.
18Вистина ви велам, што и да сврзете на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзете на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.”
19”Пак, ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата околу било која работа каква и да посакат, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е во небесата.
20Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.”
21Тогаш Петар пристапи и Му рече: „Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? До седумпати ли?”
22Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесетпати по седум.”
23Затоа царството небесно е слично на некојси цар, кој сакал да ги среди сметките со своите слуги.
24А кога почна да ги расчистува, при него беше доведен еден, кој му должеше десет илјади таланти.
25И бидејќи немаше да ги врати, господарот заповеда да го продадат него, неговата жена и децата, и сè што имаше, за да се плати долгот.
26Тогаш слугата падна и му се поклонуваше, велејќи: ‘Господаре, имај трпение кон мене и ќе ти исплатам сè.’
27И поттикнат со сожалување, господарот на оној слуга, го пушти, и му го прости долгот.
28Но штом слугата излезе, и најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто денарии, го фати, и го давеше, велејќи: ‘Исплати ми, тоа што ми должиш.’
29Тогаш падна пред неговите нозе неговиот сослужител и го молеше, велејќи: ‘Имај трпение со мене, и ќе ти исплатам сè.’
30Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека го исплати долгот.
31А кога неговите сослужители видоа што се случи, мошне многу се нажалија, и дојдоа и му кажаа на својот господар сè што се случи.
32Тогаш неговиот господар го повика и му рече: ‘Зол слуго! Ти го простив сиот оној долг, зашто ме молеше.
33Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилив тебе?’
34И неговиот господар се разгневи и им го предаде на мачителите, додека му исплати сè што му должеше.
35Така и Мојот небесен Татко ќе ви направи вам, ако секој од вас не му ги прости од срце престапите на својот брат.”